Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат во петок да се расправа за договорот со Бугарија
Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе побараат од владејачкото мнозинство и од Владата на Република Македонија во петок на нова собраниска седница да има точка на дневен ред „Информација за договорот за добрососедство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија“, соопшти денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
- Сметаме дека овој договор е многу важен, ги засега националните интереси на Република Македонија. Сметаме дека е добро да се склучи, но само под услов да не им штети на националните и државни интереси на Република Македонија, рече Милошоски.
Нивното барање оваа информација да биде ставена на дневен ред, како што кажа тој, е врз основа на промовираните принципи од премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, кои што кажаа дека важните одлуки за национални прашања и за надворешната политика сакаат да ги носат во Собранието и во нив да ги вклучат и пратениците од опозицијата и да ја добијат нивната поддршка.
- Очекуваме овие промовирани принципи на транспарентност и инклузивност од страна на Владата на СДСМ, премиерот Заев и министерот Димитров да бидат ставени на тест, дали се вистински или се лажни принципи, во петок на собраниската седница, посочи Милошоски.
Тој додаде дека доколку навистина при Владата на СДСМ и владејачкото мнозинство постои желба за поголема транспарентност, заедничко одлучување и инклузивност на опозицијата во важните национални и државни прашања, тогаш петочната собраниска седница ќе биде многу добра прилика да се дискутира за тоа што е досега разговарано, усогласено и што треба да се доусогласи во договорот помеѓу Македонија и Бугарија.
- Уште повеќе што Владата на Република Бугарија имала и самодоверба и доволна транспарентност предложениот договор за соработка и добрососедство со Македонија да го претстави пред нивните пратеници во бугарското Собрание и за него да се дискутира, рече Милошоски.
Пратениците во македонското Собрание како претставници на граѓаните на Република Македонија, потенцира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, имаат право и должност да имаат увид во овој договор и да го дадат својот придонес или забелешки за него.
Милошоски рече дека пратениците оставаат можност Владата и Министерството за надворешни работи да одлучат дали таквата точка на дневен ред и расправата за македонско-бугарскиот договор за добрососедство ќе биде на отворена или на затворена седница.
- Ако Министерството за надворешни работи смета дека во тој договор има премногу класифицирани информации кои што во моментов не е соодветно да се споделуваат со пошироката јавност, ние сме спремни да го испочитуваме таквото барање и разговорот и дебатата за тој македонско-бугарски договор да ја водиме на затворена седница, рече Милошоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа