Разрешувањето на јавниот обвинител Зврлевски пред пратениците

Разрешувањето на јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски денеска е на дневен ред на шестата седница на Собранието на Република Македонија.

Оваа точка е 30-та на дневниот ред, но, според најавите на Џафери, се очекува таа да биде меѓу првите на седницата и денеска да се расправа за неа. 

Предлогот Зврлевски да биде разрешен од функцијата јавен обвинител е поднесен од Владата на РМ поради, како што се наведува во дописот од Собранието, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата. Исто така, во документот се наведува и дека Зврлевски со своето однесување и дејствување покажал дека не е способен за извршување на функцијата, како и поради тоа што не поднел барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон и нарушување на угледот на функцијата.

Барањето за разрешување, Владата го достави и до Советот на јавни обвинители којшто на седница го прифатил предлогот за разрешување на Зврлевски. 

На дневен ред на оваа седница се и Извештајот на Европската комисија за Република Македонија 2016 година, Предлогот за именување на директор на Агенцијата за администрација, Предлогот на одлука за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител и годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2016 година. 

Пратениците треба да расправаат и за Предлогот на закон за изменување на Законот за работните односи во прво читање, поднесен од Нола Исмајлоска, Магдалена Манаскова и Весна Пемова, Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија во 2016 година, Предлогот на финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2017 година и Предлог-одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и годишниот приход на давателите на водни услуги остварен од давање на водни услуги за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2017 година. На дневен ред се и годишни извештаи на повеќе институции и финансиски планови за работа во 2017. 

 

 

 

05.07.2017 - 08:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега