Стојко Стојков: Кога веќе не продаде, Македонија барем требаше да си ја дигне цената

 

За да се отвори нова и подобра страница треба да се отстрани основниот фактор, што ги создава проблемите меѓу двете земји и нации, а тоа е бугарското негирање на македонскиот идентитет и на македонското малцинство. Ништо од тоа не се има променето.“ Ова во интервју за Прес24, го вели Стојко Стојков, копретседател на ОМО Илинден-Пирин, организиацијата на македонското малцинство во Бугарија, за најавите дека Македонија и Бугарија, по средбата на премиерите Заев и Борисов свтреле нова страница во меѓусебните односи.

е треба да забораваме дека она што во моментот Бугарија го бара од Македонија не е она што реално го сака. Таа гледа на договорот само како на прв чекор, додека за Македонците тоа е привремен, наметнат со сила навредлив компромис. Идните проблеми со самото тоа се гарантирани, вели Стојков во интервјуто за Прес24.

Тој посочува дека каков било договор меѓу Македонија и Бугарија, без силна меѓународна поддршка за Македонија, тој би бил на штета на Македонија.

-Ако сегашната влада не обезбедила таква моќна поддршка треба добро да се замисли. Добрата волја на Македонија не е доволна, а никогаш и не била, вели Стојков во интервјуто.

Тој смета дека целта на Бугарија со заедничките прослави е јасна, а тоа е дека таа сака Македонија да ѝ се придружи во негирањето, да се вклучи во негирањето на сопствената историја и нација.

-Тоа е единствена цел на Софија во случајот. Заедничките чествувања, добрососедството, европските вредности и заедничките моменти во историјата на двете нации (какви има меѓу сите соседни нации), немаат ништо општо во случајот. Неслучајно Бугарија не бара такви прослави со никој друг сосед освен со Македонија, смета Стојков.

Македонското малцинство во Бугарија и денес, иако Бугарија е членка на Европскат унија, останува непризнато и негирано од бугарските власти. Стојков вели дека да се биде Македонец во Бугарија, значи да се подготвен на јавни понижувања и легализиран говор на омраза. Потсетува дека Македонците во Бугарија и официјално се негирани како малцинство (со декларација на бугарскиот парламент од 6 март 1990 г., со одлука на Уставниот суд од 29 февруари 2000 г., со изјави на претседатели, министри политички лидери и парламентарци се до денешен ден.

уѓето со македонска национална самосвест се третирани како предавници, странски агенти, родоостапници и национални непријатели на Бугарија. Тие се јавно понижувани и исмејувани. Објект се не само на несанкциониран говор на омраза, но таквиот говор дури се прима како патриотизам. И досега не можат да регистрираат своја партија или организација, на практика се исклучени од општествениот и политичкиот живот и се објект на асимилација. Реално немаат никакви малцински прва, а им се ускратени и дел од основните човекови права, вели Стојков за Прес 24.

Тој во интервјуто посочува дека самиот акт на откажувањето на грижата за Македонците во Бугарија во пракса нема ништо да смени, бидејќи како што вели Македонија од 1991 година досега и не се грижела за македонското малцинство во Бугарија, па и во Грција.

-Сега едноставно владите во Скопје ќе имаат официјално оправдување за својата негрижа, ќе бидат ослободени од обврска која никогаш сериозно не ја почитувале. Бугарија и без уставна обврска се грижи за своите малцинства, а Македонија и со уставна обврска не го правеше. Ние така да се каже навикнавме на незаинтересираноста на Скопје.  Имам чувството дека двете земји и грото од нивните медиуми некако се усогласија во името на „добрососедството“ да не зборуваат многу-многу за нас. Така јавноста останува со впечаток дека има спласнување на активностите. А активностите продолжуваат и воопшто не запирале. Секоја година се одржуваат најмалку 8 јавни манифестации организирани од македонски организации во Бугарија. Во последните 10 години имаме 9 обиди на македонски организации да се регистрираат (неуспешно) пред бугарските судови и сега жалбите на истите се наоѓаат пред Стразбур или дури во ООН. Од 2013 г. секоја година поднесуваме годишен извештај за правата на Македонците во Бугарија до меѓународните институции за правата малцинствата, вели Стојков за Прес24.

-Или да бидам циничен владите во Скопје барем во свој сопствен интерес требаше да ја кренат цената на македонското малцинство пред истото да го продаваат. А тие го обезвреднија и сега ќе морат да го предадат за ништо. Попустливоста и компромисноста не секогаш се полезни, потенцира копретседателот на ОМО Илинден Пирин во интервјуто за Прес24.

Стојков смета дека негативната ретиорика е многу поголема во Бугарија кон Македонија, отколку во Македонија кон Бугарија.

-Како човек кој ги следи медиумите и политиката и од двете страни на границата можам да ви кажам дека ако во Македонија антибугарската реторика по скалата од 1 до 10 е најмногу 2, тогаш во Бугарија антимакедонската пропаганда е најмалку 8. Дали имате слушнато македонски парламентарци јавно во медиумите да повикуваат да се праќаат во затвор без судење или да се стрелаат на улица активистите на бугарските организации во Македонија? Е јас го имам слушано тоа од бугарски парламентарци за нашите членови. Еден од нив дури е министер во сегашната бугарска влада, потенцира Стојко Стојков, копретседател на ОМО Илинден Пирин, во интервју за Прес24.

 

ПРЕС24: Премиерите на Македонија и на Бугарија, Заев и Борисов неодамна најавија нова страница во односите меѓу двете држави. Постигнувањето на договор за добрососедство го нарекоа историски чекор. Дали ова може да се толкува како чекор кој ќе ги зближи двата народа, или пак тоа може да предизвика нови поделби, ако се земат предвид реакциите пред се во Македонија?

СТОЈКОВ: За жал е второто. Веќе имаше договор за добрососедство и што промени тој? За да се отвори нова и подобра страница треба да се отстрани основниот фактор, што ги создава проблемите меѓу двете земји и нации, а тоа е бугарското негирање на македонскиот идентитет и на македонското малцинство. Ништо од тоа не се има променето.

Сега се оди на тоа Р. Бугарија да наметне од позиција на сила нерамноправен договор, кој како секој таков договор нема да биде траен и само ќе ја зголеми недовербата меѓу двете земји. Притоа не треба да забораваме дека она што во моментот Бугарија го бара од Македонија не е она што реално го сака. Таа гледа на договорот само како на прв чекор, додека за Македонците тоа е привремен, наметнат со сила навредлив компромис. Идните проблеми со самото тоа се гарантирани.

Единственото извинување за потпишување на таков нерамноправен и дури понижувачки договор е тој да помогне за евроинтеграцијата на Македонија. Влезот во ЕУ и НАТО се многу важни за Македонија, зашто еднаш влезена внатре ќе може рамноправно да разговара, а не како сега под уцена, ќе излезе од маѓепсаниот круг на балканските национализми. Меѓутоа ако овде не е замешана сила на највисоко ниво, која да ги присили Бугарија и Грција да запрат со своите опструкции и со ескалацијата на барањата, задоволувајќи се со оние ограничени отстапки кои можат да им се дадат, овој договор нема да помогне за евроинтеграцијата, а ќе послужи како основа за уште поголеми барања и претензии.

Ако сегашната влада не обезбедила таква моќна поддршка треба добро да се замисли. Добрата волја на Македонија не е доволна, а никогаш и не била.

Сега реакциите на Македонците против бугарските барања за договорот се многу важни. Тие ќе испратат јасен сигнал во Софија дека нејзините претензии се неприфатливи за Македонците, а од друга страна ќе ѝ дадат аргументи на македонската влада за време на преговорите. Тоа е единствената помош што може да ѝ се даде на македонската влада во овој момент за да ги смекне апетитите на македонските соседи. Тоа е дури би рекол и помош за бугарската влада за да сфати каква е реалноста и да не се храни со илузии. Зашто и тие се свесни дека компромисот треба да може да помине во Скопје без владата да си направи харакири.

ПРЕС24:  Засега во јавноста нема детали што конкретно е договорено, но познато од претходно е дека преговорите за тој договор заглавија околу две клучни точки: заедничката прослава на Илинден и македонскиот јазик, кој Бугарија не го признава како посебен. Што значи заедничка прослава на Илинден и што е тоа заедничка историја меѓу Бугарија и Македонија?

СТОЈКОВ: Заборавате – македонското малцинство во Бугарија. Она што мислам дека ќе биде формулата на договорот е: извесно бугарско смекнување по прашањето на македонскиот јазик без експлицитно негово признавање, кое ќе биде платено од Македонија со заеднички празнувања и обврска на Македонија да не се застапува за правата на македонското малцинство во Бугарија.

Целта на Бугарија со заедничките прослави е јасна, таа сака Македонија да ѝ се придружи во негирањето, да се вклучи во негирањето на сопствената историја и нација. Тоа е единствена цел на Софија во случајот. Заедничките чествувања, добрососедството, европските вредности и заедничките моменти во историјата на двете нации (какви има меѓу сите соседни нации), немаат ништо општо во случајот. Неслучајно Бугарија не бара такви прослави со никој друг сосед освен со Македонија. Бугарската надеж дека ќе ја натераат Македонија да прифати дека нема историја е смешна, но тоа не им смета на бугарските политичари да бидат сосема сериозни по тоа прашање, како што не им смета да наметнуваат политики барања во областа на историјата под мотото „да ја оставиме историјата на историчарите“.

Ние како партија сме свесни дека порано или подоцна Македонија привремено ќе се откаже да го штити македонското малцинство во Бугарија. Тоа е неизбежна последица на 26 години негрижа и речиси целосно игнорирање на македонските малцинства во македонската политика. Тоа откажување за прв пат беше направено со Декларацијата на Љубчо Георгиевски во 1998 г. и прашање на време беше истото да се повтори. Така се случува кога немате јасна визија и стратегија. Самиот акт на откажувањето на практика нема ништо да смени – Македонија од 1991 г. досега и не се грижела за македонското малцинство во Бугарија, па и во Грција. Сега едноставно владите во Скопје ќе имаат официјално оправдување за својата негрижа, ќе бидат ослободени од обврска која никогаш сериозно не ја почитувале. Бугарија и без уставна обврска се грижи за своите малцинства, а Македонија и со уставна обврска не го правеше. Ние така да се каже навикнавме на незаинтересираноста на Скопје. Она што е полошото за нас во таквата ситуација е навредата и понижувањето, ударот врз духот на Македонците во Бугарија, кои со децении се борат за своите права, некои од нив лежеле во бугарски затвори за тоа, а сега ќе доживеат и македонска влада официјално да каже дека нема да се застапува за нив. Целата борба за правата на македонското малцинство се крепи врз духот на овие луѓе!

ПРЕС24:  Како гледате на поклонувањето на Заев на споменикот на Цар Самоил, и најавите на Борисов дека истото ќе го стори во Скопје?

СТОЈКОВ: На споменикот во Скопје не пишува „македонски цар“, туку само „цар Самуил“ затоа и за Борисов нема да биде проблем да се поклони таму. За разлика од тоа на споменикот во Софија пишува “Самуил цар на Бугарија“. Оваа разлика симболички ја изразува и разликата во политиката на двете држави. Не мислам дека од бугарска страна поклонувањето беше спонтан предлог, туку добро обмислен потег, кој им успеа. Гестовите во политиката се важни. Можеа двајцата премиери да се поклонат заедно пред споменикот на дводомниот поет Никола Вапцаров и тоа ќе испратеше добра порака – вака како што се случи само раѓа контроверзии.

ПРЕС24: ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН неодамна во соопштение посочи дека без целосно прецизирање на правата на македонското малцинство во Бугарија и на бугарското во Македонија, невозможен е ваков договор. Според Вас што треба да содржи овој договор во оваа сфера?

СТОЈКОВ: Не дека договорот е невозможен, туку е безпринципен и без иднина. Двете земји треба официјално да ги признаат двете малцинства и да гарантираат дека нивните права ќе се почитуваат согласно меѓународните стандарди и на основна на реципрочност. Т.е. и двете да имаат исти права. Имено тоа ќе ги претвори во основа за градење доверба. За жал Бугарија оди во спротивен правец, а Македонија традиционално не сака да го подигне прашањето. Бугарија претендира дека ние, македонското малцинство сме проблемот и се бори за „правото“ слободно и невознемирувано да може да не дискриминира и асимилира. Таквата линија нема иднина – ние нема да исчезнеме. Не ние, а нашето негирање е проблемот.

ПРЕС24: Каква е состојбата на македонското малцинство сега во Бугарија?

СТОЈКОВ: Официјално негирани како малцинство (со декларација на бугарскиот парламент од 6 март 1990 г., со одлука на Уставниот суд од 29 февруари 2000 г., со изјави на президенти, министри политички лидери и парламентарци до денешен ден), луѓето со македонска национална самосвест се третирани како предавници, странски агенти, родоостапници и национални непријатели на Бугарија. Тие се јавно понижувани и исмејувани. Објект се не само на несанкциониран говор на омраза, но таквиот говор дури се прима како патриотизам. И досега не можат да регистрираат своја партија или организација, на практика се исклучени од општествениот и политичкиот живот и се објект на асимилација. Реално немаат никакви малцински прва, а им се ускратени и дел од основните човекови права.

ПРЕС24: Дали влезот на Бугарија во ЕУ подобри некои состојби?

СТОЈКОВ: Многу малку. Единствената суштинска разлика е што сега можеме мирно и јавно да се собираме, што претходно беше спречувано со сила.

ПРЕС24: Изминативе години Македонците во Бугарија беа многу поактивни и погласни во барањето на своите права, неколку годни извесен период како да спласна таквата активност. Што се случува со организирањето на Македонците таму?

СТОЈКОВ: Таквиот впечаток е погрешен. Тој се должи на медиумското затемнување кое од 2008 година наваму се применува во Бугарија спрема активностите на македонските организации во Бугарија. Некаде од 2008 или 2009 г. и македонските медиуми реско изгубија интерес спрема нашите активности и оттогаш ниту една екипа не ја има посетено да речеме нашата главна манифестација посветена на Јане Сандански. Имам чувството дека двете земји и грото од нивните медиуми некако се усогласија во името на „добрососедството“ да не зборуваат многу-многу за нас. Така јавноста останува со впечаток дека има спласнување на активностите. А активностите продолжуваат и воопшто не запирале. Секоја година се одржуваат најмалку 8 јавни манифестации организирани од македонски организации во Бугарија. Во последните 10 години имаме 9 обиди на македонски организации да се регистрираат (неуспешно) пред бугарските судови и сега жалбите на истите се наоѓаат пред Стразбур или дури во ООН. Од 2013 г. секоја година поднесуваме годишен извештај за правата на Македонците во Бугарија до меѓународните институции за правата малцинствата. Остварени се безброј средби со меѓународни набљудувачи за правата на човекот. Се издаваат весници, списанија и книги. Како партија сме активни и преку Европската слободна алијанса во Европскиот парламент, како за правата на македонското малцинство во Бугарија, така и за евроинтеграцијата на Р Македонија. Дали ја забележавте веста што проструи во Бугарија дека Борисов побарал од Заев Македонија да запре да ја компромитира Бугарија пред меѓународните институции? Тоа всушност се однесува на нашата дејност, не на Р Македонија. Борисов како и порано Прванов тропа на погрешна врата. Ние, македонското малцинство во Бугарија сме тие што се жалиме пред меѓународните организации и институции – Македонија за жал нема врска со тоа. Не друго а бугарската политика на негирање на македонското малцинство е она што ја компромитира Бугарија. Меѓутоа Бугарија продолжува со нејзината апсурдна политика на преправање дека македонско малцинство во Бугарија нема и дека некој однадвор ѝ ги создава проблемите.

За жал во својата борба Македонците во Бугарија не добиваат помош од Р Македонија. Поддршка ни даваат одредени меѓународни организации и институции, како и поедини странци или одделни Македонци. Ако Македонија во изминатите 26 години ги користеше сите прилики да го поставува прашањето за правата на македонското малцинство во Бугарија и јасно демонстрираше дека тоа за неа е сериозно и важно прашање Бугарија немаше да има простор сега да бара толку дрско Македонија да не се интересира дека таа ги дискриминира Македонците. А кој знае, веќе овој проблем можеше и да е решен?!

Или да бидам циничен владите во Скопје барем во свој сопствен интерес требаше да ја кренат цената на македонското малцинство пред истото да го продаваат. А тие го обезвреднија и сега ќе морат да го предадат за ништо. Попустливоста и компромисноста не секогаш се полезни.

Во случајот со Р Македонија тие само ги потхрануваат илузиите и апетитите на крајните антимакедонски елементи во соседните земји, додека една принципиелна и постојана позиција би ги обесхрабрила истите, би им дала аргументи на оние кои сакаат навистина добрососедство и заемно почитување. Р Македонија во последниот четврт век во релациите со Бугарија и со македонското малцинство во неа работеше против самата себе.

ПРЕС24: Од средбата на Заев со Борисов произлезе и иницијатива за именување на улици во Македонија и во Бугарија по поранешните претседатели Трајковски и Желев. Дали таков еден момент може да биде елемент за градење на доверба?

СТОЈКОВ: Тоа е добар и убав чекор и е за поздравување. Но, е само симболичен чекор, не суштински. Потребно е многу повеќе.

ПРЕС24: Ако реално се гледаат работите тогаш сосема јасно е дека децении, веројатно од 1945, во Македонија се градеше една атмосфера во која на Бугарија се гледаше како на непријател. Тоа и денес е во голем степен така... Сакам да ве прашам, што мислите која е формулата за да се дојде до некаква релаксирана состојба во која Македонците и Бугарите нема да гледаат еден на друг со недоверба?

СТОЈКОВ: Ако на Бугарија се гледало како на непријател причината е што таа често се однесувала како таков. Тука не зборуваме за вештачко градење на со ништо незаслужен лош однос, туку за сосема природна реакција. Додека Бугарија продолжува по тој пат многу малку може да се направи за подобрување на односот. Проблемот е што таа и денес не сака да ја промени својата политика – туку сака нас да не промени. Не треба да ја губиме објективноста од пред очи. Не Македонија ја блокира бугарската евроинтеграција – Бугарија ја блокира македонската. Не Македонија негира постоење на бугарско малцинство кај неа – Бугарија го негира македонското. Не Македонија е таа која ги проблематизира јазикот, историјата, идентитетот и самото постоење на бугарската нација – Бугарија го прави тоа со македонската. Ако Македонија е осудена 1 пат за нарушување правата на Бугарите во Македонија во ЕСПЧ, Бугарија е осудена 9 пати за нарушување правата на Македонците во Бугарија. Тоа е реалноста.

Како човек кој ги следи медиумите и политиката и од двете страни на границата можам да ви кажам дека ако во Македонија антибугарската реторика по скалата од 1 до 10 е најмногу 2, тогаш во Бугарија антимакедонската пропаганда е најмалку 8.

Дали имате слушнато македонски парламентарци јавно во медиумите да повикуваат да се праќаат во затвор без судење или да се стрелаат на улица активистите на бугарските организации во Македонија? Е јас го имам слушано тоа од бугарски парламентарци за нашите членови. Еден од нив дури е министер во сегашната бугарска влада.

За разлика од Македонија Бугарија има константна политика. Таа се нема сменето спрема Македонија повеќе од 50 години. Дури и фразата на Борисов „да ја оставиме историјата на историчарите“ е дел од лицемерните слогани на Тодор Живков. Дел од оваа политика е и постојаното жалење и изигрување жртва, преку што се сака да се создаде впечаток дека имено Македонија и Македонците се јавуваат агресори и провокатори, дека Бугарија само се брани. Со постојаното жалење од „антибугарската пропаганда на Македонија“ Софија продолжува да го отклонува вниманието од главниот проблем – дискриминацијата на цело едно малцинство, на кое му се ускратени основни човекови права. Глумењето на силно погодена страна очигледно им помага – наместо Македонија да бара признавање на македонското малцинство сме во ситуација Бугарија да бара Македонија да се откаже да го подига тоа прашање. Наместо да биде проблем на преговори бугарското кршење правата на малцинствата, тие го наметнаа како проблем евентуално македонско штитење на истите. Оваа тактика им носи успех и во друг правец: штом се повеќе Македонци испаѓаат во наивната заблуда дека сигурно ние сме криви нешто, ние некако ја провоцираме инаку толку добронамерната Бугарија. (Инаку зошто таа толку многу би се жалела, нели?) Оттука до верувањето дека ако ние си го промениме односот тоа ќе ги реши проблемите има еден чекор. Но тоа е комплетна заблуда. Бугарија не сака Македонците да си го сменат односот, туку да се променат себе си, да си го променат идентитетот.

Она што денес демократска Бугарија го бара од Македонија е истото она што го има нацртано комунистичка Бугарија пред повеќе од половина век – македонската нација не може да се прифати од Софија освен ако не биде ограничена само во територијата на Р Македонија (никакви малцинства надвор!) и не биде редефинирана на пробугарска основа. Тоа е она што Бугарија го бара веќе пет децении, нема ништо ново. Многу тажно е тоа што толку многу луѓе во Македонија така и не сфаќаат што всушност Бугарија бара

ПРЕС24: Кој го храни духот на недоверба?

СТОЈКОВ: Базираната на ирационален национализам бугарска политика спрема Македонија и Македонците. Софија не успева веќе пола век да сфати нешто сосема елементарно: Македонците се посебна нација и Бугарија треба да се однесува спрема нив како такви, а не како кон заблудени и приглупи нејзини деца. По македонското прашање Бугарија не се раководи од рационално мислење туку од национални догми и романтизам издигнати на ниво на идеологија. Нивната фанатична убеденост дека македонско малцинство во Бугарија „нема и не може да има“ (Тодор Живков) ги води до погрешниот заклучок дека пројавите на тоа малцинство се последица од политичко мешање на Р Македонија во бугарските внатрешни работи. Од тука нивните големи напори да ја „спречат“ Македонија да го прави она што таа нема апсолутно никаква намера да го прави. Нивната вера дека Македонците се Бугари ги тера да интерпретираат секоја пројава на македонска самосвест како антибугарски акт, секое поддржување на позиција дека постои македонска нација како антибугарска пропаганда, и говор на омраза, секоја несогласност со нивната интерпретација на историјата – како обид некој да ги ограби. Овој бугарски ирационализам е голем проблем зашто какви и договори да се потпишат тие нема да ги успокојат Бугарите. Тие ќе продолжат да гледаат во активностите на македонското малцинство во Бугарија последица од македонско мешање и да толкуваат активностите на своите сопствени граѓани како нарушување на добрососедството од страна на соседна држава. Ќе продолжат секоја пројава на македонска самосвест да ја толкуваат како антибугарска дејност. Ќе продолжат да се борат против „недобрососедската политика“, „говорот на омраза“ и „странското мешање“ во нивните работи, додека всушност се борат против македонската нација и малцинство. Тоа се идеални услови за ширење на недоверба, но и на омраза. Кога на тоа го додадете и тоа што политиката на национална омраза и конфронтација за одредени слоеви на Балканот е доста профитабилна проблемот станува речиси нерешив. Така што приземјувањето на бугарската политика во 21 в. се јавува крајна неопходност. За разлика од бугарскиот, македонскиот национализам е прилично слаб и поважно – неговото влијание во политиката е на ниво на празни зборови.

За жал балканските национализми се исклучително примитивни. Да не беше тоа така и Бугарија и Грција ќе разбереа дека тие имаат огромна корист и потреба од постоењето на Р Македонија и немаше да се трудат истата да ја поткопуваат како што прават последните децении. Зашто имено откако се создаде Р Македонија стана возможно прво Грците и Бугарите, а по 1991 г. и Србите и Бугарите да ги надминат своите стари противречности и да станат пријатели. Нешто што пред тоа беше едноставно невозможно. Тоа е возможно само додека постои Р Македонија – ослабне и распадне ли се истата сите стари непријателства ќе воскреснат. Македонија е темелен камен врз кој може да се изгради довербата меѓу балканските нации а дел од нив се трудат истиот да го поткопаат.

ПРЕС24: Има ли излез од оваа стуација, што може да се направи?

СТОЈКОВ: Бугарија ќе продолжи со она што досега го правела, ние Македонците во Бугарија – исто. Она што треба да се промени е Македонија најпосле, последна на Балканот да си изгради национална политика и стратегија, како и консензус по националните прашања меѓу македонските партии. Не базирани врз митови и сеништа како што се тие на повеќето балкански држави, туку реална, прагматична и базирана врз демократски вредности национална политика. Без тоа да се направи постојано ќе газиме во иста кал.

Важно е и да се ослободиме лажната љубезност и гостопримство, со кои сме така навикнати и кои не прават толку неискрени, дури дволични спрема нашите соседи. И тука не зборувам само за политичарите, туку за сите во Македонија. Треба во секоја пригода најдобронамерно и отворено да им кажуваме на луѓето од Бугарија или Грција дека сме Македонци и дека треба да не прифатат како такви, зашто ние немаме никаква намера да се менуваме за нивна угода. Нека тие ја пренесуваат нашата порака назад во својата земја. Само кога надежта за демакедонизација на Македонија ќе умре тогаш истата ќе слезе и од политичката агенда на Софија и Атина заедно со своите поддржувачи и ќе се отвори шанса на сцената да стапат прагматични и разбрани политичари кои ќе сакаат да градат реални а не илузорни или перверзни пријателски односи. Спротивно, исполнувајќи им ги желбите ние не им помагаме на Бугарите да се ослободат од својот национализам, туку ги туркаме уште подлабоко во него, зашто го правиме антимакедонизмот успешна политика. Треба да пазиме на сигналите што ги испраќаме, зашто тие знаат да ни се вратат како бумеранг.

 

Ставањето крај на бугарското негирање на македонското малцинство и нација, треба да биде стратегиската цел на Македонија, а треба да стане цел и на Бугарија. Во секој случај тоа е цел на нашата партија. Македонците не ги негираат Бугарите, останува само Бугарите да запрат да ги негираат Македонците. Ние треба да се избориме за една иднина ослободена од екстремен национализам, дискриминација и конфронтација. Проблемите нема да се решат сами од себе, ниту само од нас, но ние можеме да помогнеме тие да започнат да се решаваат.

 

 

 

28.06.2017 - 22:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега