Институтот за белодробни заболувања-Козле ќе биде готов догодина
Новиот објект на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле кој се гради во близина на стариот објект, и со подобра динамика од предвиденото, ќе биде целосно опремена здравствена установа со нов стандард на еднокреветни и двокреветни соби за мајките и децата во кои ќе има целосна климатизација, тоалет во секоја просторија, широки ходници со пултови на сестрите. Станува збор за една од најголемите капитални инвестиции во здравството во поновата македонска историја, објасни министерот за здравство Никола Тодоров.
Министерот Тодоров денеска, заедно со заменик-министерот Јовица Андовски и со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Јован Грповски го посетија Институтот каде се во тек градежни работи за изградба на целосно нов објект на оваа ЈЗУ.
- Инвестицијата е во висина од осум милиони евра, ќе има нови 6.500 м2 болнички простор во здравствената установа во која ќе има комплетни услуги од областа на белодробните заболувања. Организацијата ќе биде како во најсовремените болници во Европа и во светот. Очекуваме овој начин на организација, новите простории, новата инфраструктура да ги дадат ефектите на сериозно зголемување на стандардот на давање на здравствени услуги во Македонија, рече Тодоров.
Посочи дека болницата која е изградена после земјотресот и е донација од Кралството Шведска, минатата недела ја посетиле претставници од Универзитетската болница Каролинска кои изразиле подготвеност да отпочнат соработка за размена искуства и знаења, да доаѓаат еминентни доктори, а наши да се едуцираат таму.
- Очекувам со сите аспекти на инвестиции кои ги правиме и во инфраструктурата и во човечките потенцијали да прераснеме во еден регионален центар за лекување на овој тип заболување и да привлечеме пациенти од целиот регион и на тој начин да го поставиме здравствениот систем на Македонија како централен регионален систем, потенцира Тодоров.
Согласно договорот, како што рече, објектот почна да се гради на 17 септември 2012 и треба да заврши на 17 септември 2014 година.
- Од она што го забележав на терен работите се одвиваат дури и со подобра динамика од она што беше предвидено во договорот и можно е да завршат и порано од планираното што ќе биде во интерес на сите. Сега се соочуваме со тешкотии во работењето. Многу е тешко кога се реконструира или кога се гради болница бидејќи не можеш да ја затвориш. Ги обезбедуваме услугите-дел тука, дел во Тафталиџе, дел во Детската клиника. Ниту еден пациент досега не е вратен и сите ја имаат добиено здравствената услуга, додаде Тодоров.
Директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата-Козле, Оливер Зафировски ги пофали докторите кои работат во таа ЈЗУ бидејќи, како што рече, максимално дале напор ниту еден пациент да не почувствува дека се гради болница на само десет метри од старата болница.
Посочи дека претставник од Универзитетската болница Каролинска кој го посетил Институтот бил вчудоневиден од условите во кои се работи со голем ентузијазам и знаење. Поради тоа, истакна Зафировски, беше потенцирана соработката која ќе ја продолжиме со Универзитетската болница Каролинска.
- Пациентите се задоволни. Добрата организација доведе до оваа успешност. Овој ден имаме повеќе пациенти кои хоспитално се лекуваат отколку минатата година во истиот термин. Моментално лекуваме 85 болнички деца, а минатата година сме имале 78. Значи успеваме да дадеме здравствена услуга на сите деца од Македонија. Со високите температури има висока концетрација на полен и доминираат болести од областа на алергологијата, астма итн., додаде Зафировски.