Црна Гора со најголем даночен долг во регионот

 

Даночниот долг во Црна Гора на крајот на минатата година изнесувал 354 милиони евра, што е повеќе од 11 отсто од БДП-то на земјата и претставува најголем процент на даночен долг во регионот, јави Танјуг.

Црногорскиот даночен долг, кој е меѓу најголемите во Европа, владата во Подгорица планира да го наплати со имотот на солвентните должници, додека редовните плаќачи на данок од идната година да добијат субвенции.

Првите резултати од наплатата на даночниот долг со имот на должниците ќе биде познат по 13 јуни, пренесува порталот „Аналитика“.

Владата на Црна Гора најдоцна до јуни годинава ќе објави бел и црн список на компании на кои ќе се наоѓаат сите што редовно плаќаат данок на државата и тие што се најголеми должници.

Целта на објавувањето на црн и бел список е мотивирање на даночните обврзници да плаќаат данок, додека присуството на белата листа ќе претставува вид на општествено признание.

Паралелно со овие активности црногорската Влада донесе декрет со кој дозволува солвентните компании даночниот долг да го подмират со имот, со што според извршната власт ќе се овозможи и наплата на дел од побараувањата.

најчитано сега