Стартува Школата за млади лидери на претседателот Иванов
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска ќе се обрати на свеченото отворање на Школата за млади лидери во Охрид.
На отворањето е предвидено да се обратат и поранешниот претседател на Чешка Вацлав Клаус, претседателот на Светската академија на науки и уметности Иво Шлаус и д-р Зоран Илиевски, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први" при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На првиот ден од Школата предавања ќе одржат чешкиот експретседател Клаус и кинескиот амбасадор во Македонија Цуи Живеи.
Инаку, Школата за млади лидери се одржува годишно на иницијатива на претседателот Иванов и е воспоставена кога тој стапи на функцијата Претседател на Република Македонија.Досега се организирани три интензивни тренинзи за лидерство – во 2010, 2011 и во 2012 година.
Идејата на шефот на државата е да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности. Програмата на Школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби. Оваа година на Школата гостуваат 30 предавачи кои ќе ги пренесат своите искуства и видувања за лидерството на 40 учесници на обуката.
Меѓу предавачите се Доналд Дејв Мередит, канадски сенатор, Тафшир М. Авал, директор на Групацијата Мултимод од Бангладеш, Александре Севињи, директор на постдипломски студии за комуникациски менаџмент на McMaster-Syracuse и McMater University од Канада, Борис Поркович, заменик-претседател на Институтот за истражување на мали европски држави од Монако, Доналд Стил, директор на британската компанија „Џонсон Асошиејтс“ и поранешен главен медија портпарол на Би-Би-Си и Драган Стефановиќ, пензиониран офицер во Армијата на САД и професор на магистерски студии на програма за јавна администрација во „Апалачиан“, Државен универзитет во Северна Каролина. Меѓу предавачите се и истакнати поединци и успешни лидери во компании и образовни институции од Македонија, Шпанија, Нов Зеланд, Хрватска, Босна и Херцеговина, Израел и од други земји.