Мицковски: ВМРО-ДПМНЕ е горда на најновите податоци за невработеноста
Напорната работа, активните мерки за вработување, ниските даноци, политиката на странски инвестиции, поволната бизнис клима, оперативните планови на Владата за вработување кои беа спроведувани изминативе години, придонесоа невработеноста да се намали на историски најниски 22,9 проценти, рече денеска на прес-конференција Христијан Мицковски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицковски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ особено е горда на најновите податоци на Државниот завод за статистика кои говорат за невработеноста.
Во 2006-тата година кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта од СДСМ, посочи, Македонија беше рекордер во Европа по највисоката стапка на невработеност и изнесуваше 38 проценти.
- Во периодот од 2006-та година до денес отворени се нови 175.000 нови работни места. Дури и во услови на длабока политичка криза ние повторно работевме на намалување на невработеноста и само во последната година споредено првиот квартал од 2017 со првиот квартал од 2016 година, отворени се 20.000 нови работни места, додека пак само во првиот квартал од 2017 година кога политичката криза кулминираше, благодарение на политиките на владата на ВМРО-ДПМНЕ се отворија 3.000 нови работни места споредено со четвртиот квартал од 2016 година, рече Мицковски.
Граѓаните, додаде, и во иднина очекуваат отворање нови 64.000 работни места, просечна плата од 30.000 денари, минимална плата од 16.000 денари исто така во првата година, а докторите очекуваат плата од 100.000 денари. Граѓаните исто така очекуваат и стабилна економија и годишен раст комулативно секоја година од 5 проценти.
- Ветувања кои се дадени од страна на новата влада предводена од СДС мора да се реализираат со роковите кои си ги зададоа како ветувањаа не да се релативизираат. Граѓаните немаат време за чекање и водење гола политика и гол популизам, наведе Мицковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа