Македонските сувенири сега достапни за туристите - отворена нова продавница кај „Богородица“

 

 

Во близина на граничниот премин Богородица денеска беше отворена специјализирана продавница за сувенири, во рамки на владиниот проект за отворање 20 такви објекти ширум државата.

- Од предвидените три сувенирници кои ќе се отворат на граничните премини, ова е првата. Всушност се работи за униформиран туристичко-информативен центар од каде сите посетители ќе можат да купат автентичен македонски сувенир и да добијат туристичко-информативен материјал, изјави на свеченоста министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која престојуваше во посета на Гевгелија.

Таа истакна дека според направените анализи, досега најпосакуван сувенир е фонтаната со воинот на коњ што ќе може да се купи и во оваа сувенирница. 

Градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, истакна дека сувенирницата е значајна со оглед дека на оваа граница годишно транзитираат од 4 до 6 милиони патници. Франгов се надева дека сувенирницата ќе биде повеќе од позитивно искуство и оти сувенирите ќе се трошат не само од туристите туку и од граѓаните на Гевгелија.

Претходно министерката за култура го посети објектот на градската библиотека „Гоце Делчев“  кој е во фаза на реновирање. Процесот на конзерваторско-реставраторските работи на фасадата на објектот во кој е сместена градската библиотека, треба да заврши до крајот на годината. За неговата обнова,  информира Канческа-Милевска, Министерството за култура издвои 1,7 милиони денари.

- Со обнова на фасадата на овој споменик на културата, мислам дека ќе дадеме значителен белег на овој историски континуитет и враќање на автентичноста на сето она што го претставува нашето културно наследство, нагласи министерката за култура. Досега се промовирани шест реконструирани фасади на значајни споменички целини во Крушево, Скопје, Охрид, Битола и Прилеп.

ФОТО: Канал 5

18.08.2013 - 14:52

најчитано сега