Туристичките агенции ги откажаа сите аранжмани за Египет
Најголемата европска туристичка компанија ТУИ соопшти дека ги откажала сите аранжмани за одмор и летување на германски туристи во Египет, до крајот на септември.
Слична одлука донесе и втората најголема компанија, британската „Томас Кук# која носи гости на туристички патувања и одмор во оваа арапска земја уште од втората половина на 19 век.
Ваквото решение е донесено откако владата на Германија побара од своите државјани да не патуваат или да летуваат во оваа арапска земја, поради уличните судири меѓу приврзениците на сменетиот исламистички претседател Мухамед Морси и египетските безбедносни сили и насилствата во кои има на стотици мртви и ранети.
Британската влада побара од околу 40 илјади Британци, кои сега се на летување во египетските одморалишта Шарм ел Шеик,Таба и Хургада, да останат до крајот на својот одмор, но да не ги напуштаат хотелите и хотелските комплекси. Сугестијата да не се излегува од летувалиштата доаѓа по убиството што се случи во Хургада, на брегот на Црвеното море, пред два дена.
Владата во Москва побара од туристичките агенции веќе да не продаваат аранжмани за патување и одмор во Египет. Во оваа земја се уште има околу 50 илјади руски туристи.
Франција и Италија, исто така, ги предупредија своите туристи да бидат максимално внимателни, а претставник на владата во Париз објасни дека внимателно се следи ситуацијата и безбедноста на Французите кои се на одмор во Египет.
„Томас Кук“ ги откажа сите патувања низ Египет, па веќе не носи туристи во Каиро, делтата на Нил и Александрија, во Луксор и Асуан, како и на планината Мојсеј и во манастирот Света Катерина, на Синајскиот Полуостров.
ТУИ, компанијата која во Велика Британија работи како „Томсон“ и „Томас Кук“ советува дека сите што сега летуваат во Египат ќе може да останат до крајот на својот аранжман, објаснувајќи дека безбедноста на туристите им е примарна задача.