Судските спорови во Австралија го намалуваат угледот на МПЦ-ОА

 

Црковните спорови во Австралија го намалуваат угледот што Македонската православна црква-Охридска архиепископија го градела со децении наназад. И покрај цврстите и непроменливи ставови од двете страни, односно на владиката Петар и на претставниците на црковните општини, сепак, веќе е време да се најде соодветно решение и да заврши повеќе децениската голгота меѓу верниците и црквата на австралискиот континент. Ова го предлагаат неколку македонски политичари и професори, кои сметаат дека ваквата состојба е дојдена до кулминација и дека во иднина може само негативно влијае врз вербата на верниците во црквата. Некои, пак, го држат ставот дека на овој начин МПЦ ја губи борбата за добивање на томос за автокефалност во православниот свет, нешто што јавноста го издвојува како главна нејзна цел во одржување на духовниот живот.

Иако пред речиси седум месеци, Синодот на МПЦ и црковните општини кои не ја признаваат јуриздикцијата на владиката г. Петар постигнаа начелен догвор кој требаше да доведе до решение на деценискиот спор, сепак, од тогаш до денес, работите стојат во место.

Владиката Тимотеј, кој е задолжен за координација и администрирање на црквите што не ја признаваат власта на митрополитот Петар вели дека се додека во тамошните цркви служат расчинети свештенеци, нема да се создадат услови да ги посети македонските црковни општини во Австралија.

Веќе е познато дека речиси никој од владиците во Синодот на МПЦ, не сака јавно да коментира, ниту пак да дава какви било сугестии и решенија за проблемите во епархијата.

Поинакви не се ниту аналитичарите во државата, кои често велат дека не се запознаени до крај со состојбите на австралискиот континент, како и дека не би сакале да влегуваат во дебата со црковните лица.

Еден од похрабрите е професорот на Правниот факултет Владо Бучковски кој остро ги осудува судските спорови што се случуваат во Австралија. Вели дека е срамота за МПЦ-ОА и за македонската држава, што се водат судски спорови за црквите во Австралија.

- Сето тоа остава лош впечаток на Македонците што живеат во Австралија. Така се руши и угледот на МПЦ. Позитивен беше обидит на почетокот на годината за решавање на овој проблем, но за жал состојбата се уште не е променета-додава Бучковски.

Според новинарот Љупчо Зиков, меѓу народот владее огромно непознавање на црковните состојби во дијаспората, но и во Македонија. Вели дека ништо од црковниот живот не ни е познато. Смета дека сето тоа некој го држи настрана од пошироката јавност, зашто таа темнина овозможува да се создава определено црковно богатство.

- Познато е дека отсуствува контрола врз црквите. Некој тоа многу добро го користи, а со тоа го слабее имиџот на црквата-вели Зиков.

Главно барање на Здружението на македонските заедници во Австралија е Синодот и г.г. Стефан да му дадат автономија на г. Тимотеј, како надлежен владика на македонските православни заедници во Австралија, што според нив е и еден од начините за надминување на долгогодишните црковни проблеми на австралискиот континент.

Аналитичарите сметаат и дека црковниот спор во Австралија е лесно решлив, за доборот на црквата, за доброто на единството меѓу македонската дијаспора.

Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Павле Трајанов, пак, вели дека правните спорови што се водат околу имотот на верниците во Австралија и имотот на МПЦ-ОА негативно влијаат на единството на Македонците што живеат во Австралија.

- Нема крај на тие спорови. Веќе со децении се провлекува истатат состојба. Тоа негативно се одразува и на можноста тамошните Македонци да извојуваат некои барања во Австралија, како што е признавање на Македонија под уставното име-додава Трајанов.

Познато е дека македонските црковни општини во дијаспората имаат специфичен карактер. Тоа се заедници чија матица е црквата. Тие центри ги обединуваат македонските иселеници. Црквата и луѓето кои ги создавале овие центри мораат меѓусебно да ги разграничат своите ингеренции.

Цане Мојановски, верски аналитичар и добар познавач на црковните состојби во државата и надвор од неа вели дека споровите што се водат меѓу претставниците на црковните општини и црквата во Австралија се непотребни.

Смета дека и двете страни имаат интереси. Целиот проблем е всушност поради специфичноста на австралиското општество и неговиот однос кон верските заедници.

- Најмногу страдаат обичните верници. Ние, во Македонија не можеме да ја разбереме суштината на тамошниот црковен спор, зашто во Австралија црковниот живот се одвива на друго ниво, односно во црквата се одвива општествено културен и забавен живот-додава Мојановски.

Според Игор Александров, претседателот на македонските заедници целта е конечно да се регистрира Македонска православна епархија како правно лице во Австралија, во согласност со Член 172 од Уставот на МПЦ и актуелните законски обврски на регистрираните Македонски православни општини во Австралија.

17.08.2013 - 12:46
Фото: 
Денешен

најчитано сега