Додовска: Парламентарни избори со локалните решение за излез од ќор-сокакот
Во ситуација кога е комплетно девастиран вкупниот правен систем и во момент кога сериозно се загрозени сите витални функции на правната држава во Република Македонија, вели доц. д-р Иванка Додовска од Правниот факултет во Скопје, тоа што претставува единствено решение за излез од овој ќор-сокак е врзување на предвремените парламентарни избори со локалните избори оваа есен.
-На целата јавност ѝ е сосема јасно дека оваа состојба не е наивна и, во исто време, одзеде огромна енергија од стратегиските интереси на нашата држава, но, исто така, е јасно дека политичките елити се соочуваат со една сериозна криза од која сите можевме да увидиме кој е кој и што е што во реалноста. Јасно е дека барањето од страна на ВМРО-ДПМНЕ за нови предвремени парламентарни избори претставува одраз на членовите и на поддржувачите на десната опција во земјата и претставува нужност доколку се пристапува сериозно кон словото на законите во Република Македонија, вели Додовска.
Таа додава дека сѐ друго останува во рамките на шпекулациите и подлежи на сериозна опсервација како пример за тоа колку може лесно да се девастира вкупниот општествен и правен поредок во смисла на негово уривање и поништување.
-Од сето тоа последниот збор го имаат токму граѓаните на Република Македонија, што, впрочем, веќе и беше доставено преку граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, каде што како основен и единствен услов на гласот на граѓаните беше токму поставено барањето за одржување нови кредибилни, навистина кредибилни предвремени парламентарни избори. Овој сериозен апел до сите суштински фактори во земјава и во странство го дава одговорот со кој на наједноставен начин би го добиле решението за политичката криза, заклучува Додовска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа