Каракамишева: Блокадата на Комисијата за 24 декември ќе се одрази на Извештајот за Македонија
Грција не сака решение за името, нефункционирањето на Комисијата за настаните од 24-ти декември можно е да се одрази и на есенскиот извештај на Европската унија, Заев и Шеќеринска доаѓаат од матрицата на Црвенковски и се негови најблиски соработници
Ова се ставовите на универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска изнесени во интервју за Курир на прашањата околу спорот за името со Грција и неконструктивноста на Атина, нефункционирањето на Комисијата која треба да ги расветли настаните од 24-ти декември и што значи доаѓањето на дуото Заев-Шекеринска на чело на нaјголемата опозициска партија.
Каракамишева Јовановска смета дека нефункционирањето на Комисијата можно е се одрaзи и на есенскиот извештај на Европската унија, во смисла на негативни поени за Македонија, додавајќи дека тоа е и дежурно алиби на Грција за тоа дека Македонија не е демократски способна да си ги надминува своите внатрешни проблеми.
-Грција никогаш ниту ќе настапи конструктивно, ниту пак ќе даде некакви добронамерни идеи за решавање и надминување на проблемот за името. Факт е дека Република Грција не сака да го реши овој проблем затоа што не оди во прилог на внатрешната политика, меѓутоа и на она што претставува добитна комбинација за секоја политичка партија особено кога се оди на избори, вели Каракамишева.
Во однос на доаѓањето на Заев и Шекеринска како раководни лица во СДСМ, професорката вели дека се поставува прашањето колку овие двајца престолонаследници на Црвенковски навистина ќе можат да воспостават една нова политика која што ќе биде поинаква од лицето на Бранко Црвенковски, бидејќи е фактот дека токму Заев и Шеќеринска се всушност двајца играчи кои доаѓаат од матрицата на Бранко Црвенковски, односно тие му беа двајца, најблиски соработници.