Коцијанчич: Решението на кризите во Македонија и Албанија е резултат на силна работа
Не сум сигурна дека може да се нарече чудо, но успехот да ја решиме долготрајната политичка криза во БЈР Македонија и Албанија е резултат на силна работа и на политичка волја.
Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел, денеска на прес-конференција во европската престолнина го истакна портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, запрашана од бугарски новинар „дали е чудо што одеднаш се решија силните и длабоки политички кризи во Македонија и Албанија?“.
На констатација на албански новинар-дописник дека силно влијание за тоа македонскиот претседател Ѓорге Иванов да му го додели мандатот за состав на влада на претседателот на СДСМ Зоран Заев, како и за одложување на албанските избори, всушност имаше помошник на заменик на државниот секретар на САД, Хојт Брајан Ји, во име на Европската унија, портпаролката Коцијанчич го препиша „успехот“ за решавање на двете политички кризи на Балканот и на ЕУ.
- Не сум сигурна дека тоа ќе го наречам чудо, туку резултат на силна работа и политичка волја. Кога говорите за регионот на Западен Балкан, тоа е регион што има европска перспектив, па затоа таму Унијата е силно посветена. Исто е и со БЈР Македонија и со Албанија. Ние реагиравме на развојот на настани и ќе продолжиме да работиме со тие две земји и со целиот регион. Во однос на ова, високата претставничка Федерика Могерини ги покани премиерите на шест западно-балкански земји на неформална вечера во Брисел, што ќе се одржи на 24-ти овој месец, изјави Коцијанчич.
Гласноговорничката на неформалната Влада на ЕУ уште еднаш потенцираше дека на посочената вечера се испратени покани до актуелните премиери на Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора и додаде дека нивните имиња ќе ги објават кога ќе биде блиску одржувањето на овој неформален состанок. Таа во случајов не одговори на прашањето дали официјален Брисел ќе му испрати специјална покана на мандатарот за составување нова македонска Влада, Зоран Заев, доколку тој до среда не успее да состави Влада.
Во однос на случувањата во Албанија, за каде дури и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан поддржа одржување избори без учество на опозицијата на 18-ти јуни, Коцијанчич одговори дека ЕУ го поддржува договорот меѓу премиерот Еди Рама и лидерот на опозицијата Љуљзим Баша за одложување на изборите на 25-ти јуни и со учество на Демократската партија на Баша. Притоа, таа побара партиите да го почитуваат договореното од „Мекалистер плус“ договорот за излез од кризата, заклучно со одржување кредибилни избори на 25-ти следниот месец.
19.05.2017 - 13:44
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа