Избрани 40 проекти од креативните индустрии на првиот конкурс за поддршка

На првиот Конкурс на Министерството за култура за финансиска поддршка на проекти од креативните индустрии избрани се 40, а конкурирале 204. Вкупниот буџет за помош на селектираните е околу 3 милиони денари.

 

Четири проекти се на национални и локални установи (Дом на културата-Делчево, Музеј-Кратово, Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид и НУ Археолошки музеј Скопје), а останатите 36 се на здруженија на граѓани, фондации, правни и физички лица.

Проектите што ќе добијат пари се иновативни - производство на органска храна,   сувенири од керамика - чаши и чинии во необични облици  од брендот „Творница“, спој на модерен дизајн со традиционални техники на ткаење, за што еден од одобрените проекти (на Даниела Симоновска)предвидува реанимирање на затворените погони... 

Според министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, големиот одѕив на првиот конкурс, кој беше објавен на почетокот на годинава, е многу охрабрувачки, иако имало и голем број апликации кои не спаѓаат во тој сектор, туку се однесуваат на дејностите од областа на културата  кои Министерството ги финансира преку годишните програми.

Таа на прес-конференција најави дека конкурсите за поддршка на проекти од креативните индустрии ќе ги има секоја година зашто, како што рече, тие се промотори, носители на културниот идентитет и играат непроценливо важна улога во поттикнувањето на културната разновидност.

- Комисијата избра 40 проекти кои промовираат различни иновативни и уметнички форми и кои содржат препознатливи естетски вредности, одржливи проекти, кои имаат стабилна финансиска стратегија, претприемачки дух и се во функција на привлекување работна сила. Тоа се проекти со кои се дизајнираат и промовираат нови технологии, во кои се користат традиционалните вештини и ресурси... Уверена сум дека реализацијата на овие проекти ќе го зголеми интересот за оваа област кај нас и дека селектираните проекти ќе го испровоцираат посакуваното вкрстување на креативните перспективи на културата и уметничкиот продукт со можностите за поинтензивно инвестирање на бизнис-секторот во оваа сфера, истакна Канческа-Милевска.

Дел од апликантите чии проекти се избрани на конкурсот  на прес-конференцијата ги претставија своите  производи. Меѓу нив беа термички необработени производи од бадеми - млеко, сирење и путер. Идејата е на Маја Мурџева која сака да креира нов македонски бренд на 100 проценти здрава храна.

Дејан Спасовиќ е производител на музички инструменти од челик, керамика и од дрво, наменети за сите кои сакаат да музицираат, а не само за професионалци. Идејата му е како бренд да се извезуваат во странство.

Од Здружението на графички дизајнери, пак, е прифатен предлогот за доделување државна награда за дизајн од 2014 година во соработка со Министерството за култура со што, според апликантот Лазе Трипков, ќе се валоризираат многу македонски производи кои постојат, а не се препознатливи.

За поттикнување на секторот креативни индустрии Министерството донесе и развојна сратегија, формирана е национална комисија, организирани беа и неколку конференции со учество на врвни европски експерти од оваа област, како и работилници (за накит, за прототипови на дизајнерски мебел...). Канческа-Милевска соопшти и дека е во план да се обезбеди простор за креативност, каде што ќе се изработуваат прототипи и модели кои потоа би биле пласирани, а во отворените сувенирници да се продаваат брендовите на македонските уметници. 

Креативните индустрии се движечка сила на економскиот раст на развиените земји во светот. Велика Британија, на пример, во изминатите 20 години е лидер во овој сектор  во кој се вработени  речиси два милиона луѓе и придонесуваат со 8 отсто во бруто-домашниот производ на земјата. 

ФОТО: А1.он

 

16:16

најчитано сега