Драма во Пакистан: Вооружен маж упаднал во строго чуваниот центар на Исламабад и барал воведување на шеријатот
Вооружен маж, со својот автомобил синоќа се протнал во строго обезбедуваниот центар на Исламабад, запрел во близина на претседателската палата и пукал во воздух, барајќи воведување на исламска управа во Пакистан, пренесоа светските агенции.
- Јас сум против вулгарност и неморал. Моите истомисленици зазедоа позиции низ цел Пакистан, изјави неидентификуваниот маж за локалната телевизија.
Стотици минувачи се насобраа на централниот булевар „Џинах“, а од местото на инцидентот периодично се слушаа истрели.
И покрај тоа што очигледно дејствува сам и изгледа збунет при изнесувањето на своите барања, останува нејасно како овој човек со најмалку две автоматски огнострелни орудија успеал да се протне преку мноштвото контролни пунктови, да го парализира центарот на градот и да им се спротивстави на полицајците и единиците за борба со тероризмот.