Хојт Ји одржа средба со албанските партии
Американскиот Заменик-помошник државен секретар Хојт Брајан Ји во текот на денот одржа средби со лидерите на ДУИ, Беса, Алијансата и ДПА. На средбите, тие го информирале американскиот дипломат за нивниот ангажман во насока на решавање на политичката криза.
Изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија е легитимен, за тоа имаме поддршка од САД, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети по средбата со американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Брајан Хојт Ји во резиденцијата на заменикот на американскиот амбасадор во скопско Бардовци.
- Изборот на новиот претседател на Собранието е направен на легален и легитимен начин. Трајко Вељаноски веќе нема ни морални ни законски права да повика на нова седница зошто во Собранието има законски формирано мнозинство, потенцира Ахмети.
Нагласи дека е крајно време сите да се освестат дека земјата оди во негативен правец по се што се случи во Собранието и да се прифати новиот претседател на Парлементот.
- Треба да се вратиме на целосно градење на институциите во земјата. Имаме голем интерес да ја вратиме земјата на вистинскиот пат, посочи лидерот на ДУИ и додаде дека се решени да се продолжи со процесот на конституирање на новата влада.
За најавената оставка од министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, рече дека во овој момент нема логика Нухиу да се повлекува од функцијата, бидејќи, како што нагласи, не постои орган што би ја прифатил.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа