Груевски на средба со амбасадори - избори се клуч за излез од криза

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски заедно со тројца членови на Извршниот комитет имаше средба со амбасадорите на Германија, Обединетото Кралство, Шведска и Холандија. 

На средбата се разговарало за актуелната политичка состојба и за позициите и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на нејзиното надминување.  

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ, како што информира партијата, било посочено дека најдобар и најбрз начин за излез од политичката криза е спроведување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори.

- Причината за нивно одржување е поради фактот што по изборите се случија голем број на работи, главно поврзани со тиранската платформа договорена во соседна држава, кои не беа презентирани за време на изборите и голем број на граѓаните чувствуваат голема изборна измама, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ. 

Во однос на дебатата во Парламентот, од страна на ВМРО-ДПМНЕ било истакнато дека она што во моментот се случува во Собранието е користење на сите законски и деловнички можности од страна на коалицијата „За подобра Македонија“ за искажување на ставовите и позициите низ парламентарна дебата. - Ништо нема незаконски и нема ништо што досега не се случило во минатото во Македонија, низ Европа и Светот, практично тоа е начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ го изразува револтот од прифаќањето и наметнувањето на тиранската платформа, било посочено од страна на ВМРО-ДПМНЕ на средбата со амбасадорите.

ВМРО-ДПМНЕ посочила дека се спротиставува на наметнување на платформа договорена во канцеларијата на премиер на соседна држава, каде има карта на Голема Албанија. Според ВМРО-ДПМНЕ, платформата има многу спорни и контраверзни делови, а лидерот на СДСМ Зоран Заев, според кажувањата на сите инволвирани, но и врз основа на негова изјава, ја прифатил во целост. 

- Што се однесува во однос на разговорите со ДУИ за коалицирање кои следеа во месец јануари годинава, од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше  истакнато дека нема да се разговара за платформа која е донесена на етничка база во друга држава, по што разговорите се фокусираа на унапредување на користење на јазиците на немнозинските заедници во општините каде тие се над 20 проценти, информира ВМРО-ДПМНЕ. 

На средбата од страна на ВМРО - ДПМНЕ било посочено дека добро спроведените избори не треба да се инцидент, туку пракса, како што и всушност е. - Резултатот кој го оствари ВМРО-ДПМНЕ по број на освоени гласови на последните избори е многу близок со резултатот на изборите во 2014-та година што е најдобра негација дека изборите во 2014-та беа реални, поради што тие го бојкотираа Парламентот и ја оспоруваа неговата работа, било истакнато од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ оцениле дека е потребен дијалог и дебата, во рамки на институциите за поместување на работите и организирање на избори за излез од кризата.

На средбата со четворицата амбасадори присуствувале и Никола Попоски, Никола Тодоров и Владимир Ѓорчев како членови на Извршниот комитет на партијата. 

 

 

 

25.04.2017 - 18:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега