Шпедиција од Кавадарци си заработи кривична пријава

Царинската управа поднесе кривична пријава за шпедиција и двајца вработени од Кавадарци заради неовластено поднесување царински декларации и неовластен упад во електронскиот информатички систем на Царинската управа.

Случајот е откриен при контрола на царинските декларации поднесени од правното лице во царинската испостава Кавадарци. Како што денеска соопшти Царинската упарава, утврдено е дека лиценца за вршење на застапување во царински постапки и овластување за влез во електронскиот систем на Царинската управа – МАКЦИС заради креирање декларации имало единствено одговорното лице во правното лице. Меѓутоа, во периодот кога овластеното лице било надвор од Република Македонија, биле поднесувани царински декларации потпишувани во негово име и со користење на негова лиценца. Поднесени се 21 царинска декларација, креирани во МАКЦИС и потпишани од страна на вработено лице во фирмата, кое не поседувало лиценца за застапување. Сопственикот на лиценцата, иако знаел дека вработената не поседува соодветна лиценца и ги ставил на располагање лозинката за влез во електронскиот систем и бројот на неговата лиценца.

Со таквото постапување пријавените сториле кривично дело фалсификување исправа, казниво по одредбите од Кривичниот законик. Во тек е постапка за одземање на одобрението за вршење работи на застапување, а се разгледува и основаноста за одземање на лиценцата за вршење работи на застапување во царински постапки на одговорното лице. 

16:23

најчитано сега