Каскадерот кој го глумеше Џемс Бонд трагично го загуби животот

 

Каскадерот кој скокна со падобран над главниот олимписки стадион во Лондон,за време на свеченото отворање на Олимпијадата во 2012 година, загина во Швајцарија.

42-годишниот Марк Сатон од лондонската приградска населба Сари, загина за време на една летачка егзибиција, организирана за тестирање на нова специјална облека при скокање од големи височини, пред да се активира падобранот.

Минатата година тој му беше дублер на британскиот актер Данијел Крејг, кој го толкува ликот на Џемс Бонд во филмовите за тајниот агент 007. Сатон беше „Бонд“ во сцената во хеликоптерот, во кусиот филмуван скеч, во кој се појавува и ликот на британската кралица Елизабета.

Додека неговиот падобран се спушташе на стадионот, кралицата,облечена во истата таа облека, се појави во централната ложа, бурно поздравена од гледачите кои на почетокот не знаеја за што станува збор. Скечот го сними британскиот режисер Дани Бојл и за него знаеја само малкумина луѓе, но никој од јавноста и од медиумите.

Прикажувањето на снимените делови од скечот, во текот на церемонијата на отворањето и оние изведени „во живо“ предизвика сензација во Велика Британија, најмногу поради тоа што кралицата воопшто прифатила да се појави во него, уште во Бакингамската палата, каде скечот е делумно сниман. Но подоцна тој беше означен како најгледаниот момент во неколкучасовниот телевизиски пренос на отворањето на лондонската Олимпијада. За трагичната смрт на Марк Сатон швајцарските власти отворија истрага.

15:48

најчитано сега