Штипскиот Факултет за медицински науки е веќе преполн
Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ во првите два дена од првиот уписен рок примил 1.800 идни студенти на своите 13 факултети, што се совпаѓа со очекувањата. Интересот е најголем на Факултетот за медицински науки, каде уште во првиот ден се пополниле најголем дел од студиските програми.
- Факултетот за медицински науки веќе е преполн. Многу добро за Универзитетот е тоа што донесе одлука да не се примаат студенти на овој факултет со помалку од 80 поени, со што во првиот уписен рок се запишаа одлични средношколци. На Факултетот за туризам и бизнис-логистика, исто така, имаме близу 600 студенти. Интересот е голем и на Факултетот за природно-технички науки, каде што има повеќе од 160 пријавени кандидати, изјави проректорот за инвестиции Кирил Барбареев.
На Факултетот за информатика, додаде тој, пријавени се повеќе од 100 и на Земјоделскиот факултет повеќе од 90 кандидати.
Првиот уписен рок на УГД почна завчера и според Конкурсот завршува денеска, но на барање на студенти кои не ги комплетирале потребните документи, Универзитет донесе одлука запишувањето да го продолжи и утре.
Според Барбареев, по вториот уписен рок во септември се очекува да бидат запишани над 3.000 идни студенти.