Собранието утре ја продолжува расправата за Комисијата

Пратениците во Собранието на Македонија попладнево ја продолжија конститутивната седница на која се расправа за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. 

И денешното 14. продолжение од расправата поминува со реплики, контрареплики од пратениците. ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да се откаже од платформата од Тирана, која беше главна тема и денеска, како и да се организираат брзи избори за излез од постојната криза. Од СДСМ и коалицијата, пак се воздржуваат од реплики, туку само со процердурални забелешки побараа од претседавачот да ја води седницата согласно Деловникот.

Илија Димовски реплицирајќи и на сопартијката Даниела Рангелова, забележа дека таа во нејзината дебата не се осврнала доволно на барањето за прогласување геноцид врз албанскиот народ во Македонија наведено во платформата, кое рече, мора да е историски засновано, а може да предизвика сериозни меѓународни последици. 

Рангелова на тоа истакна дека неколку пати ги повикала колегите од СДСМ и коалицијата како и од албанските партии да одговорат токму за овој елемент од тиранската платфома за тоа што значи усвојување на таква резолуција во Собранието на РМ.

- Никој не најде за сходно да се одважи да излезе на говорницата и да да даде одговор за тоа, рече Рангелова.

Нола Исмаиловска рече дека повеќе од 50 дена голем број граѓани се на улица и бараат одговори на некои прашања, а некој „од оваа сала“ вели, ги потценува. Се осврна и на како што рече покровителот на платформата, албанскиот премиер Еди Рама.

- Еди Рама кој зборува за демократија, успеа да биде медијатор на албанските партии во Македонија, а не успеа да се договори со опозицијата во сопствената земја на изборите кои што им престојат. Ова е добар показател за демократскиот капацитет на Рама како човек и неговото нарекување на Македоцните за славомакедонци и дека има 30 проценти Албанци. Сите треба да уживаат права, но тоа не значи дека треба да се погазуваат правата на муслимани кои не се Албанци, рече Нола.

Рангеловска посочи дека иако им поставила неколку прашања од кои најсушитинското е дали ќе ја прифатат тиранската платформа пратениците од СДСМ денеска решија да молчат.

- Ви благодарам на вашите исцрпни одговори, што ја удостоивте јавноста. Се надевам дека ќе влезете во идната историја како луѓе што молчевте и како луѓе кои тргуваа со државните интереси, рече Рангелова.

Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека актуелната тригодишна политичка криза во земјата е создадена од СДСМ, помогната од вантрешни и надворешни фактори, а обременета од платформа создадена во друга држава, и затоа изборот на Комисијата за избори и именувања треба да е прва успешно решена задача од страна на Парламентот. Според неа, оваа собраниска дебата која се случува веќе еден месец ги покажала затскриените намери на СДСМ во однос на тиранската платформа, а ќе им ги разјасни и сите дилеми на граѓаните. Порача и дека излез од кризата се нови избори.

- Иако сите се биеме во гради и не го вадиме од уста зборот демократијата, тогаш дајте да бидеме демократи и она што е најдобро за државата да го решиме имајќи ја предвид волјата на народот, а тоа е што поскоро да се распишат парламентарни заедно со локалните избори, рече Затуровска.

Според неа, проблемот е што во земјата нема внатрешна кохезија по прашањето на националниот суверенитет и идентитет, кој во сите земји, вели, се решава со консензус и без приговор кога е нападнат, а само во нашата земја, нагласи, нападот се користи како да се испазари за негово доуништување, и тоа само поради лични интереси и за добивање власт, па и по цена на разнебитување. 

Таа, воедно, побара да не се игнорираат пораките и барањата од народот, кој го дава легитимитетот, од страна на парламентарците, оти кој ќе го стори тоа, рече, ќе сноси последици.

Антонио Милошоски реплицирајќи во однос на платформата потпишана од ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците, рече дека станува збор за систем на сврзани садови, предизвикан и поттикнат од најголемата опозициска партија и нејзиниот претседател.   

- Кога за претседател на најгопемата опозициска партија имате човек кој самиот лично има проблем со судот, со органите на прогонот,.. тој има желба по секоја цена да се избави и лично и политички од проблемите со судските органи. За да излезе од нив Заев ветува се и сешто, нереални проекти за време на изборите и кон гласачите Албанци и кон гласачите Македонци и кон сите други. Како реакција на тоа ДУИ, Беса, ДПА и Алијансата на Села ги дигаат уште повисоко нивните барања, платформи, рече Милошоски. 

Според него, самата постапка на Заев да се искупи од проблемите што како човек, како политичар и како градоначалник ги има пред судските органи во РМ го принудува да прави штетни чекори и откако, вели, албанските партии видоа дека и покрај сите ветувања Заев е поразениот на изборите како и дека не можат да го уценат победникот на изборите и со него да формираат влада, тие се одлучиле за поевтината варијанта, а тоа е, додава, да го уценат поразениот на изборите кој има желба својот пораз да го покрие со распродажба на националните интереси.

- Затоа проблемот почна и ќе заврши со Заев како човек кој сакајќи лично да се искупи од проблемите пред судот, создаде ваква комплицирана ситуација која е ризична за интересите на РМ, рече Милошоски. 

Љупчо Димовски од СПМ меѓу другото, рече дека формираното парламентарно мнозинство е нелегитимно бидејќи се темели на изборна измама, а со платформата се отвораат низа суштетствени прашања како име, знаме, химна, па и геноцид. 

- Несвојствено е од една политичка партија да го осудува за геноциден народот од кој потекнува. Последиците се штетни и сериозни за македонскиот народ, македонските граѓани и за државата. Одговорноста може да биде историска, но може да биде верификувана и на избори, рече Димовски и побара отфрлање на тиранската платформа и нови избори. 

За Влатко Ѓорчев граѓаните во Македонија имаат искуство со влади на СДСМ, и нивни проекти како што беше приватизацијата и законот за територијална поделба кој рече се прекрши на Струга и Кичево, а за кои проекти таа партија не доби легитимитет на изборите во 90-те години, односно 2002 година бидејќи не беа најавени ниту напишани во програма.

-  Новиот клучен изборно неверификуван проект на владата во обид на СДСМ наречен тиранска платформа исто така не е верифициран од граѓаните. Последицата е тоа што СДСМ го направи на ниво на Струга и Кичево сега ќе го направи на ниво на РМ. Но, убедливото мнозинство на граѓани кое излезе на улица дава јасни пораки, рече Ѓорчев.

Седницата ќе продолжи утре со реплики на излагањето на Затуровска.

 

 

 

19.04.2017 - 18:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега