Картички наместо готовина: Расте интересот за безготовинско плаќање

Картички наместо готовина. Граѓаните на Македонија постепено фаќаат чекор со светските трендови за безготовинско плаќање, но старите навики тешко се менуваат. Ако се анализираат податоците на Народната банка за движењата во платниот промет во земјава, може да се заклучи дека има напредок, но и оти сме далеку од европскиот просек, пишува Лидер.

„Учеството на вредноста на трансакциите со платежни картички во личната потрошувачка во Република Македонија за 2016 година изнесува 11%, што е значително пониско во споредба со старите земји – членки на ЕУ (32%) и релативно пониско во споредба со земјите од Централна, Источна и Јужна Европа (19%). Ваквите податоци укажуваат дека и покрај постојаниот раст на бројот на издадени платежни картички во Македонија, нивната искористеност за плаќања во трговијата е сѐ уште релативно помала во споредба со земјите од ЕУ“ – стои во Извештајот на Централната банка за 2016 година.

Сепак, придобивките од електронското банкарство, какви што се достапноста и пониските провизии за електронските налози во однос на оние во хартиена форма на шалтерите, придонесуваат да се зголемува интересот за новите начини на плаќање.

Платежни картички за подигнување готовина

Податоците на Централната банка на Македонија покажуваат дека во 2016 година со платежните картички бил остварен промет од 180 милијарди денари или 2,92 милијарди евра. 90,7% од прометот е остварен со картички издадени во земјава (резиденти). Сепак, тие и понатаму најмногу се користат за вадење готовина.

„Платежните картички во земјата најмногу се користат за подигање готовина, односно 71% од вкупната вредност на прометот со картички во земјата е

за оваа намена, 24% се за плаќање во трговијата (на 34.974 физички места на продажба во земјата), мал процент или 4% отпаѓа на депонирање готовина и 1% е за интернет плаќања (на 678 виртуелни места на продажба)“ – објаснуваат од НБРМ.

Скромно учество и по бројот на трансакции

Бројот на извршени трансакции со платежни картички во текот на минатата година изнесувал 69 милиони, од кои 95% се остварени во Македонија, а остатокот во странство. Користењето на картичките, во земјава и во странство, на Македонија и обезбедило нето – прилив од 5,6 милијарди денари.

„Пониската склоност на резидентите од нерезидентите за плаќање во трговија со платежните картички се огледува и преку просечната вредност на трансакцијата на физичките места на продажба, којашто за резидентните

картички изнесува 1.024 денари, додека, пак, за нерезидентните картички изнесува 2.870 денари“ – покажува статистиката на Народната банка.

Граѓаните на Македонија каскаат и по вредноста и по бројот на трансакции. На пример, кај нас бројот на трансакции со домашни картички во трговија изнесува 18 трансакции по глава на жител. Ова е 2,5 пати помалку во однос на земјите од Централна, Источна и Јужна Европа (45 трансакции по глава на жител), а далеку зад старите земји – членки на Унијата со 102 трансакции по глава на жител.

Расте интересот за електронска трговија

Македонците сè повеќе се ориентираат кон електронска трговија и ги користат услугите на таканаречените електронски продавници. Само лани е регистриран раст во делот на електронската трговија од цели 36%.

„Далеку сме од развиените земји, но сме на добар пат. Ја анализираме е-трговијата и според последните податоци 19,3% од интернет корисниците купиле нешто онлајн во последните 12 месеци“ – вели првиот човек на „Групер“, Нина Ангеловска.

Податоците покажуваат дека нашите граѓани во текот на минатата година потрошиле околу 85 милиони евра за купување преку интернет. Граѓаните ги користат можностите за електронски шопинг, но преку интернет плаќаат и сметки за струја, вода, телефон и други услуги.

Се очекува електронската трговија да продолжи да се развива, бидејќи расте процентот на граѓани кои ги преферираат платежни картички, се зголемуваат бројот на корисници на интернет и општата компјутерска писменост, се прифаќаат новите технологии и трендови.

Внимателно при електронската трговија

Електронската трговија е во подем, а со тоа растат и поплаките до Организацијата на потрошувачи на Македонија. Купувачите се жалат дека производот што го нарачале преку интернет не соодветствувал на она што го добиле, а имало и случаи кога им бил испорачан сосема друг производ.

„Потрошувачите во изминатиот период се среќаваат со проблеми при купувањето преку интернет од македонски интернет продавници. Интернет трговијата е сè повеќе присутна на нашиот пазар, и година в година проблемите на потрошувачите во овој домен растат. Подигнувањето на свеста кај потрошувачите преку континуирано информирање и зголемување на контролите кај веб-продавниците значајно ќе ја подобри заштитата на правата на потрошувачите“ – вели претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар Велкова.

Од ОПМ излегоа и со неколку совети за заштита на личните податоци кога сте онлајн: да се користат различни и оригинални лозинки, да се користат алатките за безбедност, да се внимава што сè се споделува преку социјалните мрежи, да се внимава кога сте приклучени на јавна ви-фи мрежа, да не се подлегнува на лажни електронски или СМС пораки, да се избегнуваат сомнителни линкови, да се користи и привремена е-пошта, да се користат услуги од безбедни адреси при онлајн шопингот, да се прави редовна обнова на софтверот, да се инсталираат заштитни програми.

„Кога вршите плаќање онлајн, барајте веб-адреси кои започнуваат со „https://“, не само со „http“. Буквата „S“ (на латиница) означува сигурност. Ова значи дека податоците се дешифрирани додека патуваат помеѓу веб-страницата и вашиот компјутер. Исто така треба да има икона во форма на зелен катанец на левата или десната страна покрај името на веб-адресата кој ни укажува на тоа дека веб-страницата е безбедна“ – советуваат од Организацијата на потрошувачи.

Клучната препорака при онлајн трговијата е редовно да се проверуваат сметките и извештаите од банката по секоја уплата, со што ќе имате увид дали трансакцијата била успешна и дали притоа не сте биле измамени.

 

 

 

19.04.2017 - 08:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега