Свежи пари за економски раст

Македонските компании бараат свежи пари за да го испорачаат предвидениот економски раст. Иако политичката криза е сè уште закана за домашното стопанството, а неизвесноста присутна, сепак, домашните фирми наоѓаат начини како да го преживеат овој период и да забележат позитивни резултати во работењето, пишува Лидер.

Од Сојузот на стопански комори велат дека за да се фати чекор со технолошки поразвиените држави е потребно да се одржуваат релативно високи стапки на раст во еден подолг временски период, што ќе резултира и со дополнително намалување на невработеноста, но за остварување на оваа цел се потребни пари.

„На компаниите им е потребен полесен пристап до финансиски средства за да ги обноват своите машини. Со тоа ќе се добива краен производ со поголема додадена вредност. Доколку сакаме да се приклучиме кон земјите со висок техничко – технолошки развој е потребно минималниот процент на раст на изнесува од 7 до 9% на годишно ниво, а таквиот тренд да се одржува во континуитет од 5 до 10 години“ – вели Богослав Ангелоски од Сојузот на стопански комори.

Засега, работите не се движат во посакуваниот правец за бизнисмените. Последните податоци на Народната банка покажаа дека има раст на кредитите на месечна и на годишна основа, но и оти остварувањата се послаби во однос на проектираното за првиот квартал од годинава.

Поддршка за извозно ориентираните компании

Македонските компании имаат квалитетни производи и можат да се наметнат на странските пазари, но потребно е да се поддржат извозно – ориентираните фирми. Пробивањето не е лесно и се потребни финансии.

„Потребно е да се формираат фондови за одобрување строго наменски кредити со пониски каматни стапка за стимулирање на извозот на извозно ориентираните компании“ – вели претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Од Стопанската комора на Македонија, пак, објаснуваат дека треба да се искористат компаративните предности за поагресивно да се нападнат странските пазари.

„Малите земји имаат и свои предности и свои недостатоци. Потребно е најдобро да се искористат компаративните предности, отворената економија и големите пазари. Ние немаме друга алтернатива и мораме да одиме во тој правец, бидејќи сме мала економија и нашата конкурентна способност е на многу ниско ниво. Сите наши заложби мора да бидат свртени кон извозот и кон освојувањето на нови пазари“ – вели првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат позитивни трендови. Извозот од земјава во 2016 година се зголемил за 6,8% во однос на претходната година, додека увозот бил во плус од 5,7%. Трговската размена станала поизбалансирана. Во првите два месеца од годинава, пак, извозот бележи раст од 10,6%.

„Охрабрува фактот дека од година во година сè повеќе во структурата на извозот учествуваат финалните производи за сметка на суровините, полуфабрикатите или таканаречените лон производи“ – вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

„Растот на извозот е придружен со понатамошно подобрување на неговата структура преку зголемување на учеството на производи со повисока додадена вредност“ – објаснува министерот за финансии, Кирил Миноски.

Неопходна е политичка стабилизација

Домашните компании велат дека е неопходна извесност во деловното работење и надминување на политичката нестабилност, со цел да се остварат проекциите за економскиот раст. Превирањата продолжија и годинава, но засега е сè уште рано да се каже какви се последиците.

„Во однос на економската активност, објавените податоци за растот на БДП за 2016 година од 2,4% беа во согласност со проекцијата на НБРМ од 2,3%. За првиот квартал од годината се очекува задржување на позитивната динамика на раст на БДП, но бројот на вискофреквентни показатели е ограничен, а некои од нив бележат движења во различни насоки, поради што се зголемува неизвесноста околу оцената за состојбата во економијата во првиот квартал од годината. Ризиците од домашните политички случувања и понатаму постојат и се изразени. Воедно, и ризиците од глобалното окружување се сѐ уште актуелни“ – соопшти Народната банка.

Сепак, она што охрабрува во последниот извештај на Централната банка е заклучокот дека оцените за стабилноста на економските основи и натаму се позитивни, иако во услови на сѐ уште присутни ризици од домашните политички случувања, каматната стапка на благајничките записи е задржана на 3,25%.

Странските инвеститори бараат стабилност

Странските инвеститори не се откажуваат од Македонија. Во изминатиов период се најавени или се реализираат повеќе вложувања, со што ќе се отворат нови работни места.

-Сè уште има заинтересирани компании кои  доаѓаат да инвестираат во земјава, но ќе беше многу подобро и ќе имаше многу повеќе компании и нови работни места доколку оваа политичка криза ја немаше или завршеше со изборите како што сите посакувавме, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Тврдењата на Груевски ги поткрепи и последната анкета спроведена меѓу германските инвеститори во земјава, кои се клучни за македонската економија. Тие не се откажуваат од вложувањата во земјава, но додадоа дека се чувствуваат последиците од неекономските фактори. Испратија апел дека е потребна разрешница на политичката криза.

-Добар знак е тоа што поголем дел компании, дури 82 отсто, повторно би инвестирале во Македонија, што е 10 проценти повеќе од лани и е важна порака до потенцијалните инвеститори. Во земјата работат повеќе од 200 фирми со германски капитал, кои вработуваат 15.000 лица. Од овие причини е потребно многу брзо решение за актуелната политичка криза, која силно се пресликува врз стопанството, изјави директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, Патрик Мартенс.

 

 

 

17.04.2017 - 10:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега