Седум македонски студенти добија стипендии за универзитетите во Словачка
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска додели решенија за стипендија на седум македонски студенти кои се избрани врз основа на два објавени конкурси со што добија можност да се школуваат на високо образовните установи во Словачка.
- Четири македонски студенти добија целосни стипендии за прв и втор степен универзитетски студии на државните универзитети во Словачка со вклучена едногодишна програма за изучување на словачкиот јазик. Тројца од нив добија стипендии за посета на курс за учење на словачкиот јазик и подготвителен курс за полагање на квалификациски приемни испити на Универзитетот „Комениус“ во Братислава, рече Ристовски.
Тој истакна дека Македонија досега има воспоставена билатерална соработка со 30 земји, меѓу кои и со Владата на Словачка која што досега има доделено околу 40 стипендии на македонски државјани по различни основи.
Амбасадорот на Словачка Роберт Кирнаг посочи дека македонските студенти во јавните универзитети во Словачка можат да студираат под исти услови, како словачките без плаќање на школарина.
- Секоја година нудиме стипендии за мобилност во мај и октомври, тоа значи студентите кои се запишпани во Македонија можат да престојуваат во Словачка на определено време и пак да го продолжат образованието во Македонија. Според програмата за соработка помеѓу двете министерства за образование и наука на тројца студенти им се овозможува да престојуваат по десет месеци во годината, рече Кирнаг.
Додаде дека и покрај сите активности што ги превземаат, започнати се преговори со Гимназијата „Орце Николов“ за да се воведат курсеви по словачки јазик со цел идните студенти да имаат познавање уште додека се во Македонија.
Ивана Јанковска од Куманово која дипломирала на Универзитетот во Нитра, Словачка на факултетот за Европски студии и регионален развој го сподели свето искуство пред новите студенти стипендисти за кои, како што рече, големата транспарентност на Универзитетите во Словачка нуди одлична можности за студирање.
ФОТО: МИА