Менинг се извини за навредата кон САД и побара втора шанса

Американскиот војник Бредли Менинг, кој му предаде голема количина доверливи американски документи на сајтот Викиликс, се извини дека ги навредил САД и го замоли воениот судија да му даде шанса да замине на колеџ и да стане продуктивен граѓанин. 

- Жалам што моите дејствија ги повредија луѓето. Жалам што тие ги повредија САД, изјави вчера 25-годишниот Менинг на судско рочиште во воената база Форт Мид, во североисточната американска сојузна држава Мериленд.

Тој призна дека бил свесен што прави, но додаде дека не верувал оти истекувањето на таквите информации може толку да и наштети на земјата.

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж коментира дека Бредли Менинг бил принуден да се извини, со оглед на тоа дека бил подложен на голем притисок во период од три години. 

Менинг веќе е прогласен за виновен под обвинението за шпионажа и кражба на државна сопственост. Воениот суд ја намали до 90 години затвор максималната пресуда, која тој може да ја добие. Засега не е познато кога ќе биде извречена пресудата, а следното рочиште е закажано за во петок. 

Менинг е одоговорен за најголемо истекување на документи во историјата на САД. Тој му предал над 700 илјади дипломатски депеши, воени дневници и видеоматеријали на Викиликс, додека работел како аналитичар на разузнавачки информации за американската армија во Ирак во 2010 година.

11:30

најчитано сега