Избегната несреќа со автобус полн со македонски туристи - еве што се случило на автопатот после Крф

 

Автобус преполн со македонски туристи кои се враќале во Скопје од летување во Грција, избегнал сообраќајна несреќа на автопатот после Крф, објавува Плусинфо. Според информациите на порталот, автобусот удрил во банкината покрај патот, но за среќа поминал само со мали оштетувања и вознемирени патници.

Од туристичката агенција „Пет“, која ја организирала турата, за Плусинфо изјавиле дека автобусот удрил во банкината, обидувајќи се да избегне автомобил кој се обидувал да го претекне. Возачот го насочил автобусот кон работ на патот и изгребал од банкината. Тоа, според агенцијата, е единствената направена штета.

Од „Пет“ ги демантираат сведоштвата на патниците дека причина незгодата е наводното заспивање на возачот. Директорот на „Пет“ изјавил дека инцидентот се случил синоќа пред полноќ.

- Не е точно дека возачот заспал. Имало мал несреќен случај во обид возачот да избегне удар со возило кое се обидело да го претекне во една од кривините на автопатот после Крф. По инцидентот автобусот на кратко застанал за да ја увиди штетата и веднаш потоа продолжиле со патувањето до Скопје затоа што немало поголеми оштетувања, објаснил директорот на „Пет“, Мартин Петковски за Плусинфо.

Од агенцијата велат дека не била повикана грчката полиција, бидејќи во тој случај туристите би се задржале повеќе од 5 часа од потребното.

Извор: Плусинфо

најчитано сега