План Б: Насилен избор на Претседател на Собранието или да се гласа надвор од собраниската зграда
Да се чека да заврши дебатата за избор на Kомисијата за избори и именувања и да се избере претседател на Собранието, парламентарното мнозинство да го избере новиот претседател на парламентот заобиколувајќи ја маратонската седница или на лидерска средба да се бара излез за деблокирање на работата на законодавниот дом, пишува Дневник.
Од трите опции, коалициските партнери Зоран Заев и Али Ахмети на средбата вчера требаше да најдат излез за деблокирање на Собранието, избор на претседател на парламентот и формирање нова влада.
Висок функционер на ДУИ за „Дневник“ брифира дека вчера на средба Заев и Ахмети барале излез од ситуацијата, но не прецизира за времето и местото на состанокот. Не се исклучува можноста двајцата лидери средбата да ја оствариле во собраниската зграда бидејќи и Заев и Ахмети вчера беа во парламентот.
Од СДСМ ниту ја потврдија ниту ја демантираа информацијата за средба на коалициските партнери.
Функционерот на ДУИ не сака да прејудицира која опција е излезното решение за да се забрза изборот на нов собраниски спикер. Тој потенцира дека за ДУИ решение е да заврши почнатата конститутивна седница, без оглед колку таа ќе трае. И од СДСМ позициите се дека не треба да се прават преседани при изборот на новиот претседател на Собранието и дека работите ќе се туркаат институционално.
Доколку Ахмети и Заев останат на позициите дека нема план Б за избор на претседател на Собранието, тогаш останува неизвесно кога би се случило тоа со оглед на маратонската седница за избор на Kомисијата за избори и именувања.
- ДУИ работи на завршување на конститутивната седница. Втората опција што се пушта во јавноста за насилен избор, во смисла парламентарното мнозинство на паралелна седница или надвор од собраниската зграда да избере претседател, не ја поддржуваме бидејќи ќе предизвика спирала на насилно однесување од другата страна. ДУИ е за почитување на легалните процедури, односно не поддржуваме конфликтни решенија - вели функционерот.
Тој додава дека се работи и на опцијата лидерите на парламентарните партии да седнат и на лидерска средба да најдат решение за излез од ситуацијата.
- Меѓу партиите се разговара за лидерска средба, партиите прават обиди, но засега тоа тешко оди. Голем е антагонизмот меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Нетрпението меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не е само партиско и оттука не верувам дека е можно Зоран Заев и Никола Груевски да седнат на лидерска - вели функционерот на ДУИ.
Kако дел од стратегијата да се забрза конститутивната седница, вчера пратениците на СДСМ се откажаа од репликите и контрарепликите и повеќето од нив ја напуштија собраниската сала. Пратеникот Љупчо Николовски од СДСМ порача дека блокадата на Собранието мора да прекине затоа што штетно се одразува на граѓаните.
- Имаме и план и стратегија и во даден момент ќе го реализираме - рече Николовски.
Николовски вчера потврди дека за СДСМ не е опција лидерска средба и дека со ВМРО-ДПМНЕ ниту ќе договараат ниту преговараат. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, минатата недела изјави дека за излез од ситуацијата можно е да има состанок на лидерите на партиите. Претходно на собраниската седница пратеникот на СДСМ, Александар Kирацовски, побара претседавачот Трајко Вељаноски да го почитува Деловникот, во спротивно да стане од собраниската фотелја. Вељаноски му одговори дека нема право да го скратува правото на говор на пратениците. - А за станување од столчето, ќе почекате малку, таа желба не ја исполнувам - рече Вељаноски
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа