ИНТЕГРАЦИЈА ВО ЕДНО ОПШТЕСТВО: Република Македонија им припаѓа на сите свои граѓани

 

Интеграција во едно општество е вториот од четирите принципи на ВМРО-ДПМНЕ во Манифестот за единствена Република Македонија.

-Република Македонија им припаѓа на сите свои граѓани, без разлика на етничко потекло, религија или мајчин јазик. Граѓаните се срцето на нашиот Устав. Индивидуалните права и слободи на граѓанинот согласно  Уставот се нашата обединувачка сила. Обединувањето преку нација, вера и култура е формула за Европска интеграција, каде секој може лично да развива сопствени чувства. Тоа е и формулата која остава простор за јакнење на поврзувачкиот фактор во општеството, изјави членот на ИК на партијата, Никола Попоски.

Јазици

-Македонскиот јазик е тој што овозможува интеграција на сите граѓани во едно општество без разлика на нивното потекло.   Наша должност и богатство е негување и промоција на албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот, влашкиот, бошњачкиот јазик согласно Уставот и европските стандарди, а во духот на мултикултурната традиција на нашата земја. Почитувањето на правата и обврските за сите културни заедници подеднакво е најдобра гаранција за спречување на дискриминација и негување на посебностите. Иницирање на дијалог со соседите со цел воспоставување на соодветни стандарди за јазични права во рамки на регионот, а во согласност со европските стандарди. Со таков пристап би се одбегнале двојни стандарди и мешање во внатрешните работи на соседи, за сметка на добрососедството. Политиката за користење на немнозинските јазици треба да биде отворена кон сите, а секогаш во функција на развивање на едно општество каде способноста на поединецот е клуч за успех, без разлика на потеклото, рече Попоски.

Самоидентификување

-Македонскиот народ не може да биде надгласуван во однос на македонскиот идентитет. Ниедна заедница не треба да биде надгласувана за теми кои го засегаат нејзиното право на самоидентификување, изјави Попоски.

Образование

-Заштита на правото на образование на децата на мајчин јазик, без разлика на етничката самоидентификација на родителите е клучна за развојот на Единствена Македонија. Училиштето или богослужењето не смее да бидат алатка за наметнување на култура, јазик или доминација, туку уште едно средство за  сплотување и интегрирање, рече Попоски.

Религија

-Верската толеранција е суштествена за животот во мултикултурна Македонија. Нашите цркви, нашите џамии и нашите синагоги се нашите духовни храмови. Верските заедници во Макeдонија се неотуѓив дел од македонскиот менталитет и македонското општество. Солидарноста и подготвеноста да му се помогне на сиромавиот се во духот и на христијанството и на исламот и на јудаизмот, рече Попоски.

Традиција

-Историското помнење овозможува ренесанса на традицијата. Потребно е да се оживеат старите традиционални вредности. Семејството и солидарноста ги сметаме за темел на културата што ги слави животот и вистинските вредности. Тоа подразбира и култура на напорна работа,  деловна чесност, претприемништво и мултикултурен соживот како вредности кои не обединуваат. Секој граѓанин има лична одговорност кон Единството во Република Македонија. Носителите на јавни функции имаат посебна одговорност за поврзување помеѓу сите граѓани со различно потекло и градење на мостови во општеството, заклучи Попоски.

 

 

 

02.04.2017 - 14:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега