НБРМ: Се создава простор за зголемување на кредитната поддршка на стопанството

 Вчера се одржала редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на која биле разгледани најновите движења на меѓународните финансиски пазари, податоците за банкарскиот сектор заклучно со јуни 2013 година, ликвидноста во банкарскиот систем и движењата на домашните финансиски пазари во јули 2013 година и најновите макроекономски показатели.

Во јули, макроекономските податоци и показателите за деловна доверба за евро-зоната посочуваат дека економската активност во вториот квартал забележа раст, кој може да продолжи и во втората половина од 2013 година. Сепак, согласно со оцените на Европската централна банка, сѐ уште постојат ризици за економската активност, пред сѐ поради можноста за пониска домашна и глобална побарувачка и поради бавното спроведување на структурните реформи во земјите-членки на евро-зоната. Во САД, макроекономските показатели упатуваат на одржлив економски раст во наредниот период, така што до крајот на 2013 година се очекува Централната банка на САД да започне со излезната стратегија за постепено нормализирање на монетарните услови, преку намалување на месечниот откуп на државни и хипотекарни хартии од вредност.  

Најновите движења во македонската економија не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика во однос на претходните оцени. Гледано од аспект на одделните показатели, по забрзувањето на инфлацијата во јуни, во текот на јули потрошувачките цени се намалија на месечна основа, а годишниот раст на цените забави. Инфлацијата и понатаму се движи во проектираните рамки, а последните оцени покажуваат врамнотежени ризици околу проектираната просечна инфлација од 2,8% за 2013 година. Најновите показатели за економската активност покажуваат дека таа би се задржала во зоната на позитивни промени и во второто тримесечје, при понатамошен, но забавен раст на индустриската и градежната активност. И понатаму се очекува дека закрепнувањето нема да биде доволно силно за да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата. На девизниот пазар, во јули, е забележан вообичаен сезонски раст на понудата на девизи. Во услови на зголемена понуда на девизи и подобрување на девизните позиции на банкарскиот систем, Народната банка интервенира со откуп на девизи. Показателите за адекватност на резервите и понатаму укажуваат на ниво на девизни резерви што е доволно за справување со евентуални, непредвидени шокови. Според првичните податоци за кредитниот пазар за јули, и во текот на овој месец кредитните текови се позитивни, при понатамошна поголема ориентираност на банките кон секторот население. Податоците за кредитните текови укажуваат на можно остварување на планираната динамика на кредитната активност. Во првите шест месеци од 2013 година, износот на новоодобрени кредити од страна на банките кон секторот на нето-извозници и домашни производители на електрична енергија достигна 3.588 милиони денари, при што новоодобрените кредити во најголем дел (99%) се кон секторот нето-извозници. Растот на новоодобрените кредити кон наведените сектори овозможува намалување на основата на задолжителната резерва на банките, со што се создава простор за натамошно зголемување на кредитната поддршка на приватниот сектор. Сепак, и покрај ваквите остварувања, надолните ризици околу проекцијата на кредитите и понатаму постојат и сѐ уште има согледувања за ризик. Депозитите во банкарскиот систем растат и во текот на јули, но побавно од очекуваното.

Ликвидноста на банкарскиот систем во Република Македонија во јули се намали, под влијание на автономните фактори, што беше под влијание пред сѐ на сезонскиот раст на готовите пари во оптек. Банките активно ги користеа монетарните инструменти за надминување на ликвидносните флуктуации, а движењата на домашните финансиски пазари се стабилни. На пазарот на пари се забележува зголемување на меѓубанкарската активност и тргување на подолги рочности, а пораст се забележува и кај тргувањето на секундарниот пазар. Зголемената трговска активност укажува дека е задржан високиот степен на доверба помеѓу пазарните учесници.

И покрај релативно поволните движења гледано од монетарен аспект, ризици за монетарната политика сепак постојат. Ова особено се однесува на надворешното окружување, коешто и понатаму е неповолно и создава ризици за надворешната позиција на економијата. Исто така, иако се оценува дека вкупната инфлација ќе остане во рамки на проекцијата и во прифатливи рамки, базичната инфлација и понатаму е релативно висока, укажувајќи на присутни пренесени ефекти. 

Во вакви услови на стабилни движења, но присутни ризици, а имајќи ги предвид и очекуваните ефекти од монетарното олабавување направено во јули, на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 3,25%, а на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на достасаниот износ (25.500 милиони денари). Народната банка ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.

најчитано сега