Европскиот суд во Приштина денеска треба да донесе пресуда за случајот со шверц на ограни

Европскиот суд во Приштина денеска треба да ја објави пресудата против седум лица, обвинети за трговија со човечки органи во клиниката „Медикус“ во Приштина, каде се вршени илегални трансплантации органи, јави БТА.

Седуммината обвинети, меѓу кои шест лекари и поранешниот висок претставник на косовското Министерство за здравство Илир Речај, се соочуваат со обвиненија за организиран криминал и илегално вршење медицински активности во судскиот процес почнат во 2011 година.

Според обвинението над 30 трансплантации на бубрези се извршени илегално во клиниката „Медикус“, која беше затворена во 2008 година, откако избувна скандалот.

Донаторите, луѓе со финансиски проблеми од Европа и Централна Азија добивале по 15.000 евра за орган, додека пациентите на кои биле пресадувани органите плаќале и до 100.000 евра за интервенција.

Ако бидат прогласени за виновни, обвинетите може да добијат казни до 20 години затвор.

Според обвинението како мозок на мрежата се наведува израелскиот граѓанин Моше Харел, а турскиот лекар Јусуф Сонмез е обвинет за вршење на операциите во клиниката Медикус. Двајцата не се дел од обвинителниот процес, бидејќи не се достапни на Европскиот суд.

За време на процесот европскиот обвинител Џонатан Рател истакна дека во клиниката „Медикус“ несомнено се вршени илегални трансплантации додавајќи дека станува збор за меѓународна мрежа за трговија со човечки органи.

Тврдењата за шверц со органи за првпат се појавија во 2008 година. Потоа тие беа содржани во извештајот на швајцарскиот пратеник Дик Марти, усвоен во јануари 2011 година од Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Во извештајот се наведуваат имиња на поранешни раководители на косовските албански бунтовници, меѓу кои и Хашим Тачи, актуелниот премиер на Косово. Тачи и косовските власти ги отфрлија обвиненијата. 

најчитано сега