Започнува 41 Меѓународен ракометен турнир во Струга

Вечерва стартува 41 Меѓународен турнир „Струга 2013“ на ракоментото игралиште „Женска плажа“ во Струга. Покрај домаќинот учество ќе земат и македонските екипи Металург и Вардар како и белорускиот тим Брест Мешков, романскиот Констанца и екипите од Франција Иври и Версај. Наумчо Мојсоски истакна дека овој турнир е значаен за Струга и тамошните жители и ќе помогне во заживување на спортскиот дух. 

- Турнирот многу значи за нас стружаните од каде почнавме сите, а сега се враќа на врвот од европскиот ракомет. Онаму каде што му е местото, изјави Мојсоски.  

Поранешниот селектор на машката ракометна репрезентација Ѕвонко Шундовски кој во моментов го води кормилото на романскиот шампион Констанца истакна дека направил се што е во негова моќ да клубот го прифати учеството на турнирот со цел како што вели да биде промовиран македонскиот ракомет. 

-Констанца е повеќекратен шампион на Романија, една респектабилна екипа, со што се зголемува квалитетот на Струшкиот ракометен турнир. Очекуваме добри натпревари, учествуваат врвни екипи што е добро за Струга, но пред се и за македонскиот ракомет, изјави Шундовски.

Градоначалникот на Струга Зијадин Села истакна дека сите учесници на турнирот се амбасадори на Струга. И во иднина ќе се залага за поддршка и развој на спортот, за создавањена поволни услови за развој на спортот. 

-Заедно ќе успееме Струга да биде се по присутна со вакви манифестации и градот да биде се повеќе присутен во туристичките мапи, рече Села.

Овој турнир е под покровителство на Агенцијата за млади и спорт, а спонзори се ЕЛЕМ, МЕПСО и општина Струга.

Овој турнир е еден од најзначајните спортски манифестации и според организаторите во иднина ќе прерасне во еден од најсилните клупски собири во Европа. 

За следната сезона се планира учество и на хрватскиот шампион Загреб КО, како и на по една екипа од Германија и од Унгарија со што турнирот во Струга би добил крајно квалитетен европски изглед.

ФОТО: Денешен

14:52

најчитано сега