Хан и тројката европратеници денеска ќе бараат излез од кризата
Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, денеска се во Македонија со цел да направат уште еден обид за договор за излез од политичката криза во која земјата е подолг период.
Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, најави дека Хан и тројката европратеници освен со лидерите на партиите, во Скопје треба да се сретнат и со претседателот Ѓорге Иванов.
Ова е втора посета на еврокомесарот Хан на Македонија по парламентарните избори одржани на 11 декември. На почетокот од февруари во Скопје имаше средби со претседателот на државата Иванов, и со лидерите на партиите застапени во Парламентот. По средбите порача дека очекува од политичките лидери да демонстрираат демократска зрелост и да донесат одлука во интерес на грѓаните и европската перспектива на земјата.
- Очигледно е потребно време. Тие ќе продолжат со преговори и очекувам да донесат одлука во интерес на земјата, на граѓаните и на европската перспектива. ЕУ ќе стори се за да и помогне на земјата и на нејзиното раководство, изјави тогаш Јоханес Хан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа