Груевски:Граѓаните знаат кога и се најпотребни на Македонија - продолжуваме силно и непоколебливо да работиме

Во тек е градбата на гасоводот Неготино Прилеп Битола, капитален проект за илјадници граѓани, напиша лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фб профил.

Република Македонија од својата самостојност до денес се соочува можеби со еден од најчувствителните периоди, важни за нејзиното понатамошно функционирање и постоење. Народот и сите граѓани покажуваат исклучителна зрелост и го препознаваат моментот кога треба да се одбрани суверенитетот и нејзиниот граѓански карактер. Дури и во овие мигови на исклучителна сложеност на работите ние продолжуваме да работиме и да го исполнуваме ветеното за граѓаните, напиша Груевски.

Овој гасовод ќе биде со должина од 92 километри и вкупна вредност од 37 милиони евра, ќе биде готов за околу 2 години. Паралелно во напредна фаза е и изградбата на гасоводот Штип – Неготино кој ќе биде готов до крајот на оваа година, а се работи и на гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар.

„Со изградбата на гасоводот Неготино – Прилеп – Битола ќе се обезбеди гас за илјадници домаќинства. Тоа значи заштеда на семејните буџети преку добивање на исплатлив енергенс, стимулација и можност за поголема добивка на бизнис секторот, како и корист за земјоделските оранжерии кои ќе можат да го користат гасот по поевтина цена. Меѓудругото, гасификацијата е и значаен фактор за намалување на загадувањето на воздухот“, напиша Груевски.  

„Овој проект е од значење за сите граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци. Ова е проект со опиплива вредност за реалниот живот на граѓаните и на овој начин докажуваме дека решавањето на секојдневните проблеми е реперот по кој треба да се вреднува нашата работа, за сметка на наметнувањето на теми кои произведуваат поделби, конфликтност и раздор, како што тоа го прави СДСМ, теми кои се опасни за граѓанското единство. Народот е мудар и јас цврсто верувам дека сите ние ќе излеземе посилни од кризата која ни ја наметнаа. Продолжуваме непоколебливо и силно да работиме за остварување на ветеното, реализирајќи проекти за подобар живот на граѓаните“, пишува Груевски на ФБ.

 

 

 

17.03.2017 - 18:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега