„Златна камера 300“ за француската кинематограферка Ањес Годар


Специјалната награда „Златна камера 300“ на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во 2013-та ќе ја добие водечката француска снимателка Ањес Годар, која во 34-годишната историја на фестивалот е прва кинематограферка што ќе ја добие  оваа награда за особен придонес во светската филмска уметност.

- Историската одлука е целосно заслужена, бидејќи Годар поседува исклучителен опус од над 40 филмски наслови снимени со еминентни француски режисери, од кои особено е важен двоецот со високопочитуваната режисерка Клер Дени. Всушност, Дени-Годар е еден од најплодните тандеми на две дами-уметници, и по однос на креативноста, и по однос на остварените филмски наслови, соопшти ИФФК еден месец пред почетокот на новото фестивалско издание.

ИФФК ги издвојува „Копилиња“ (2013), прикажан во престижната програма „Извесен поглед“ на фестивалот во Кан, и „Добра работа“ (1999), кој на Годар, покрај номинација за наградата на Европската филмска академија, и  ги донесе и наградите „Цезар“, наградата од американските филмски критичари, Chlotrudis, која ја доби и за филмот „Петок навечер“ (2002).

Првата средба на Ањес Годар со Клер Дени била за време на снимањето на филмовите на Вим Вендерс - Дени во улога на асистентка на Вендерс, а Годар како асистентка на камера на легендарниот кинематографер Анри Алекан. Така, Годар била член на екипата на двата најпознати филма на Вендерс „Состојба на нештата“ (1982) и „Небото над Берлин“ (1987).

Како асистентка на камера, но овојпат под супервизија на кинематограферот Роби Милер, ја продолжила соработката со Вендерс и во „Париз Тексас“ (1984) и „Над облаците“ (1995). Своето драгоцено искуство Годар го градела и во асистенција на друг великан на камерата, Саша Виерни, во двата филма на британскиот режисер Питер Гринавеј „з и две нули“ (1985) и „Стомакот на архитектот“ (1987).

Меѓу насловите од самостојната кариера на кинематограферката Ањес Годар се „Дом“ (2008) на австриската режисерка  Урсула Мајер, „Сите момчиња и девојки на нивната возраст“ (1994), „Сонишниот живот на ангелите“ (1998) во режија на Ерик Зонка, и „Заскитани“ (2003) на  францускиот режисер Андре Тешине.

Ањес Годар е родена во 1951 во гратчето Дун-на-Орон, Шер, Франција. На почетокот студирала новинарство, но подоцна се префрлила на филмски студии и дипломирала на престижната париска школа IDHEC во 1980 година.

Фестивалот „Браќа Манаки“ по 34-ти пат ќе се одржува од 14-ти до 20 септември во Битола и ќе биде отворен со премиера на македонскиот филм „Соба со пијано“ на режисерот Игор Иванов-Изи.

ИФФК веќе го објави лауреатот на „Златната камера 300“ за животно дело во 2013-та - шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин. 

најчитано сега