Кавадарчани порачаа: Неприфатливо е што Заев и понатаму ја промовира платформата на Рама
Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија вечерва одржа протестен марш во Кавадарци. Пред присутните на градскиот плоштад говореше актерот Диме Коцевски.
– Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија изразува огромно разочарување од лидерот на СДСМ Зоран Заев поради неотфрлањето на Тиранската платформа чија цел е редефинирање на граѓанска Македонија, рече тој во своето обраќање.
Неприфатливо е, додаде тој, “што лидерот на најголемата опозициска партија Зоран Заев и понатаму ја промовира платформата на Рама, со која се бара воведување двојазичност на територијата на Република Македонија, се разговара за промена на знаме, химна, грб, воведување на двојазични банкноти и униформи на армијата и полицијата, како и декларација за осуда на геноцид на партизаните кои ја изградија Асномска Македонија, нашите соседи Србите, Бугарите, воведување на казни за непримена на албанскиот јазик и ред други противуставни елементи кои водат кон разградување на граѓанското ткиво на Република Македонија”.
– Прашањата кои се државно и национално одбележје не смеат да бидат предмет на пазарање, манипулирање ниту на различни толкувања, туку за сите овие прашања потребно е да одлучуваат граѓаните. На крај апелираме дека нема да подлегнеме на ниту една манипулација или обид на мала врата да се протнат работите кои албанските партии ги договорија во Тирана, а Зоран Заев ги прифати, нагласи тој.
Нема да помине, рече, ниту еден обид за измама на македонските граѓани.
-Да градиме мултиетничка, а не бинационална држава. Бараме јасно и недвосмислено целосно отфрлање на платформата направена во Тирана. Граѓанската иницијатива За заедничка Македонија продолжува со народните протести се до целосно исполнување на нашите барања, нагласи Коцевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа