Собранието ќе бира претседател - влада тешко

 

Сè поверојатно е дека Македонија до крајот на неделава ќе добие претседател на Собранието. Партиите се растрчани во обид да закажат седница на која ќе се обидат да изберат прв човек во парламентот.

Тоа е логичен чекор ако се знае дека конститутивната седница што се одржа на крајот од минатата година беше прекината токму на точката за избор на прв човек на Собранието поради тоа што немаше договор меѓу партиите кој кандидат да ја добие поддршката.

Првата работа што новиот претседател треба да ја направи е распишување на локалните избори или одредување нов термин за нивно одржување

Откако беше обелоденета коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, веќе е извесно дека новиот собраниски спикер што ќе го наследи Трајко Вељаноски ќе биде од нивните редови. Партиски извори веќе најавија дека тоа ќе биде Талат Џафери од ДУИ, кој е долгогодишен пратеник и поранешен министер за одбрана.

Trajko-Veljanovski-Talat-Dzaferi

За тоа да се случи, најпрво ќе треба да се избере комисијата за избори и именувања, до која партиите ќе можат да доставуваат предлози за претседател, кој потоа би бил ставен на гласање пред пратениците. За негов избор ќе бидат потребни 61 глас, што значи дека покрај гласовите од СДСМ и ДУИ, ќе бидат потребни уште неколку гласа што би дошле од „Алијансата за Албанците“ или од Беса.

Откако Собранието ќе избере претседател, тоа ќе може без никаков проблем да заседава и да носи одлуки. Првата работа што новиот претседател треба да ја направи е распишување на локалните избори. Но, и тука ќе има проблем бидејќи рокот за нивно распишување измина, па сега ќе треба да се бара алтернативно решение.

Izbori-glasanje

Една од можностите е скратување на роковите за нивно распишување и одржување, со што би се запазил крајниот датум, средината на мај. Другата можност што исто така се споменува е да се направат измени во Изборниот законик и на Законот за локални избори, да се одреди нов термин и потоа претседателот на Собранието да ги распише.

Што се однесува до можноста покрај претседател на истата или на некоја од следните седници Собранието да ја изгласа новата влада, тоа во овој момент е малку веројатно.

Со тоа пратениците, а и новиот претседател директно би го прекршил Уставот кој предвидува избор на влада само со претходно добиен мандат од претседателот на државата. Тоа е јасно наведено и во Уставот и во Деловникот за работа на Собранието.

Delovnik-na-Sobranieto

Од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов вчера повторија дека тој нема да му го даде мандатот на Зоран Заев да формира влада поради тоа што Заев јавно не се откажа од платформата од Тирана.

 

– Иванов останува на ставот изнесен во обраќањето до граѓаните на Република Македонија на 1 март 2017 година. Пречките за определување мандат за состав на влада сè уште не се отстранети – се вели во ставот од Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

 

 

 

14.03.2017 - 12:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега