СДСМ планира да влезе во Собранието
СДСМ и албанските политички партии прават план во текот на оваа недела да влезат во Собранието за да го завршат неговото конституирање и да се направи обид да се формира новата влада без мандатот од Претседателот Иванов.
- Јас очекувам веќе идната недела да направиме обид со партиите коишто дадоа 67 потписи за гаранција за добивање на мандатот да влеземе и да разговараме на оваа тема. Верувам дека ќе се догoвориме ако има разбирање со идните партнери во новата Влада на Македонија. Час поскоро сакам тоа да го договориме и да настапиме на транспарентен начин како што е пропишано во Деловникот во Собранието на Македонија и час поскоро републичкото Собрание да има Претседател – рече Заев во петокот.
Претседателот Иванов вчера излезе со став дека пречките за добивање на мандатот не се отстранети и дека тој не планира да доделува мандат за реализација на странска платформа во Македонија.
„Претседателот Иванов останува на ставот изнесен во обраќањето до граѓаните на Република Македонија на 1 март 2017 година. Пречките за определување на мандат за состав на Влада се уште не се отстранети“, се вели во ставот од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.
И ВМРО-ДПМНЕ има константен став. Од партијата уште еднаш повторуваат дека најдобар излез од кризата е да платформата да се стави на избори и граѓаните да одлучуваат.
„ВМРО-ДПМНЕ сеуште стои на позицијата дека предвремени парламентарни избори заедно со локалните се решение од кризата, бидејќи граѓаните тогаш ќе може јасно да одлучат дали поддржуваат Тиранска Платформа и елементи содржани во неа. Впрочем токму изборите се најдобрата дебата за прашања од национален и државен интерес. СДСМ доколку процени дека треба Тиранската Платформа да се реализира, тогаш нека ја вметне во својата изборна програма, па нека ја побара поддршката од граѓаните, наместо да им прави изборни измами со наводни планови за живот, кои на крајот се претворија во планови за редефинирање на Македонија.“ – стои во писменото соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓаните од ден на ден во се поголем број излегуваат на улиците за да го искажат својот револт против платформата на Еди Рама. Вчера во рекордно голем број во 31 град кажаа не за платформата. Тие порачаа да не се игнорира нивниот револт и потенцираа дека нема да дозволат да се формира нова Влада спротивно на волјата на народот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа