Димовски: Говорот на Заев е манипулација, јасно слушнавме од политичари од албанскиот блок што е договорено
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето во вестите на Канал 5 за говорот на Зоран Заев од петокот кажа дека ако треба да го коментира со еден збор тоа е зборот манипулација.
-Зоран Заев не ја отфрли платформата од Тирана, не кажа прецизен одговор за ниту едно прашање, за ниту едно прашање кое што ги тангира граѓаните не кажа ниту да, ниту не, туку се убедуваше во форма на тоа дека уставните експерти ќе кажеле ќе имало дебата, ќе разговарале, ќе било вака ќе било така, вели Димовски.
Тој вели дека тоа не е точно, бидејќи факт е потврден од повеќе политичари од страна на ДУИ, вклучително и претседателот Ахмети, дека текстот на законот за јазикот, е усогласен, прецизиран окончан и затворен.
-Она што граѓаните го бараат како одговор е да го видат тој закон кој што веќе е окончан, договорен помеѓу СДСМ и ДУИ, да го видат коалициониот договор меѓу СДСМ и ДУИ, па потоа да може да се произнесат, изјави Димовски.
Тој смета дека говорот на Заев бил манипулација, чија цел била да купи време, во смисла на извртување на реалноста.
-Ние слушнавме многу јасни изјави, многу прецизни изјави, од повеќе политичари од албанскиот блок, кои што кажаа што е договорено, а тоа што е договорено е апсолутно неприфатливо за огромното мнозинство на граѓани на Република Македонија, вели Димовски.
Тој вели дека владата која би се формирала врз понудата на Платформата не би била легитимна, бидејќи таа е постизборна и гласачите не гласале за нејзе. Поради тоа Димовски смета дека тие треба да се откажат од било каква идеја на сила да формираат влада.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа