Норвешкиот премиер кој возеше такси им платил на патниците
Некои од патниците кои се возеа со такси со норвешкиот премиер Јенс Столтенберг, всушност добиле пари за тоа, призна Лабуристичката партија, пренесе Би-Би-Си.
Според информациите од таблоидот "Верденс Ганг", петмина од 15-те патници кои се возеле во таксито со премиерот на Норвешка, за тоа добиле 500 круни или 64 евра.
- Се работи за пет лица кои биле запрашани дали сакаат да учествуваат во снимање додека се возат во такси, но сепак не знаеле кој ќе ги вози. Патниците биле информирани само дека ќе дојде такси по нив и ќе ги собере, велат од партијата.
- Откако патниците сфатиле дека се возат со норвешкиот премиер тогаш нивната реакција била навистина спонтана, додаваат од партијата.
За потсетување, вчера норвешкиот премиер возеше такси за да ги праша патниците за политичката состојба во земјата и како се тие задоволни.