Нови простории и нови насоки на Факултетот за туризам во Гевгелија
На Факултетот за туризам и бизнис-логистика во Гевгелија од денеска до 15 август трае уписот за идните студенти.
Новина е што факултетот се пресели во нови простории на некогашна „Алатница“ и има две нови насоки - бизнис-администрација и обновливи извори на енергија.
Во студиската 2013/2014 година во насоката туризам ќе може да се запишат 60 редовни и 10 вонредни студенти, а на насоката бизнис-логистика 30 редовни и 10 вонредни студенти.
Новоотворената насока за бизнис-администрација во Гевгелија ќе прими 90 редовни и 20 вонредни во првата учебна година, а на насоката за обновливи извори на енергија има место за 50 редовни и за 10 вонредни студенти.
Гевгелискиот факултет е во состав на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“. Во тек е доопремување на кабинетите за теориско и практично следење на наставата.