Остварувањата во рамки на проекциите

Политичката неизвесност ја кочи македонската економија, но земјава сè уште испорачува стапки на раст. Економските фундаменти се здрави, девизните резерви се во стабилната зона, забрзува растот на вкупните депозити, а се засилува и кредитирањето на корпоративниот сектор – покажуваат последните податоци на Народната банка, пишува Лидер.

Во очекување на информациите од Државниот завод за статистика за последниот квартал од 2016 година, Централната банка излезе со свои анализи за растот на БДП, а се чини дека остварувањата не отстапуваат од проекциите на НБРМ.

„Расположливите високофреквентни податоци упатуваат на движења во различни насоки, но гледано во целост, состојбата во економијата во последниот квартал од годината би била малку понеповолна во однос на третиот квартал. Гледано за целата 2016 година, досегашните остварувања и тековно достапните високофреквентни показатели упатуваат на раст на економијата, а стапката на раст е блиска до очекуваниот раст од 2,3% во согласност со октомвриската проекција“ – се вели во документот на Народната банка.

Има основа за забрзано кредитирање

Податоците на НБРМ укажуваат дека се стабилизира надворешното окружување на земјава. Еврозоната, како наш клучен трговски партнер, продолжува економски да заздравува. Ризиците се надолни и главно се поврзуваат со неизвесноста околу идни мерки на развиените држави за зголемен протекционизам, можна нестабилност на финансиските пазари и зголемените геополитички ризици.

Дома се регистрираат позитивни движења во монетарниот сектор. Конечните податоци (заклучно со декември) покажуваат значително забрзување на месечниот раст на вкупните депозити од 4,3%.

„Овие остварувања укажуваат на натамошно стабилизирање на очекувањата и исцрпување на ефектите од неекономските фактори. Остварувањата кај вкупните депозити на крајот на годината претставуваат солидна основа и создаваат услови за поддршка на кредитната активност во наредниот период“ – објаснува Народната банка.

Треба да се има предвид и дека растот на вкупните депозити во декември во поголема мера произлегува од депозитите на корпоративниот сектор. Позитивни движења има и во делот на кредитирањето. Во декември вкупните кредити остварија месечен раст од 2,9%, што претставува забрзување во однос на растот од 0,2% во претходниот месец, а позитивата речиси во целост произлегува од повисокото ниво на одобрени кредити на претпријатијата.

„Политичката криза имаше извесен ефект, дојде до попрудентно однесување на банките, беше воведена порестриктивна политика во однос на кредитирањето на корпоративнот сектор и до повоздржано однесување на инвеститрите, но сега имаме доволно стабилност и ликвидност во банкарскиот сектор, а инвестициите придонесуваат за економскиот раст “ – вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Годишната стапка на кредитен раст изнесува 6,5% и е над проектираниот од 5,6%.

Политичката нестабилност – главна пречка за побрз развој

Податоците на НБРМ се потврда на она што изминатиов период го говореа домашните бизнисмени, дека економскиот раст би бил многу повисок доколку земјава не влезеше во политичкиот вител.

„Не може да се рече дека политиката на влијае на економијата ама оваа криза покажа дека бизнис – секторот во Македонија е веќе способен да се носи со секакви предизвици. Видовте дека ние во овие две години воопшто не кревавме паника околу тие работи, си ја гледавме и си ја бркавме работата. Сепак, ако не беше кризата ќе постигневме многу поголеми профити и поголем раст на БДП“ – вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Со сличен став се и македонските власти.

„Добриот економски развој подразбира и поволна политичка клима. Македонија има добри резултати кај економскиот раст за минатата година, како и предминатата, но верувам дека со ставање крај на политичката криза ќе се забележи уште поголем напредок. Сепак, сигурноста и предвидливоста обезбедуваат поволни инвестиции. Системот е воспоставен, и тоа во област на привлекување странски инвестиции и отворање нови работни места, па не е случајно што во последните десет години успеавме да вработиме повеќе од 160.000 луѓе и што имаме највисока стапка на новоотворени работни места по жител преку странски инвестиции “ – вели вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Уште колку може да издржи бизнисот?

Стопанствениците досега го издржаа ударот на политичката неизвесност и продолжија да генерираат раст, но бизнисмените велат дека не треба да се очекува оти и во иднина ќе може да се функционира во една ваква ситуација.

„Стопанството во овој момент е на машини за реанимација и тешко ќе може да издржи уште долго ако не се најде заедничко решение или начин за функционирање на институциите. Не можеме да предвидиме уште колку време ќе може да опстои под овие услови како сегашните. Ситуацијата е многу деликатна“ – вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Економистите објаснуваат дека политичката неизвесност придонесува да се пролонгираат инвестициските одлуки.

„Неизвесноста во економијата продолжува, само добива нова форма и би рекол дека се продлабочува, сета таа неизвесност прави да какви било деловни одлуки се одложуваат од страна на претпријатијата. Гледате дека и бизнисот и граѓаните се во еден грч и тоа негативно ќе се одрази врз економијата во претстојниот период. Тоа што ние немаме никаков сигнал кога ова би можело да се разреши ги потиска бизнис одлуките, го потиска потенцијалот на фирмите за раст“ – објаснува универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Проекциите за растот на македонската економија годинава прилично варираат. Од најконзервативната за раст на БДП од 3% на Владата, преку 3,2% на Европската комисија и 3,3% на Светска банка, па сè до најоптимистичките прогнози за раст на БДП од 3,5% на Народната банка и на ММФ.

 

 

 

07.03.2017 - 09:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега