Рекордно високи температури во источна Азија - пеколното време зема неколку животи
Рекордно високи температури зафатија повеќе земји во источна Азија, меѓу кои се Јапонија, Кина, Тајван и Јужна Кореја.
Во Јапонија властите соопштија за 17 смртни случаи, поврзани со горештините. За прв пат во последните шест години, на одделни места температурите надминаа 40 степени Целзиусови.
Приближно 10.000 Јапонци минатата недела беа префрлени во болница со возила на итната медицинска помош заради проблеми со срцето.
Во Кина властите веќе 20 дена по ред упатуваат предупредувања за силни жеги во источните провинции од земјата, вклучувајќи ги и централните Хубеј и Хунан, каде температурите надминаа 42 степени.
Во провинцијата Гвејчоу жегата и долготрајната суша оставија над 2,5 милиони лица без вода за пиење.
Минатата недела во Шангај заради горештините од инфаркт починаа најмалку 10 лица.
Во Тајван температурите денеска се „опаднати“ на 38 степени, на само неколку дена откако во главниот град Тајпеј беше регистриран рекорд од 39,3 степени.
Во Јужна Кореја властите упатија предупредување за очекувани горештини за повеќе делови од земјата, а температурниот врв се очекува да биде 35 степени. Владата вчера ги повика луѓето да се воздржат од употреба на климатизери за да се избегне ризикот од рестрикции на струјата, бидејќи неколку електроцентрали се во плански ремонт.
ФОТО: Дневник