Ѓорѓи Поп-Атанасов: Кај дел од етничките Македонци националната свест е на катастрофално ниско ниво

Актуелната политичка ситуација во која се наоѓа државата е исклучително неповолна ситуација за Македонија. Академик, Ѓорѓи Поп-Атанасов, постојан член на Македонската Академија на Науките и Уметностите, во интервју за Прес24, вели дека Македонија се наоѓа во ситуација во која е загрозен нејзиниот опстанок и македонскиот национален идентитет. Загрижува, вели Академик Поп-Атанасов, ситуацијата кај дел од етничките Македонци, кај кои националната свест е на катастрофално ниско ниво.

-Отежнувачка околност е и тоа што голем дел од етничките Македонци, заслепени од своите лични и партиски интереси, од омразата кон делот од македонскиот народ што припаѓа кон друга политичка партија или друга политичка опција, не е во состојба да ги види опасностите, коишто можат да го загрозат опстанокот на македонската држава  и македонскиот национален идентитет, вели Академик Поп-Атанасов во интервјуто за Прес24.

За него од исклучително значење е итно обединување на Македонскиот народ.

- Во овие тешки времиња за Република Македонија, не е доволно само еден дел од македонскиот народ да застане во одбрана на својата земја; потребно е сите како еден да застанеме на нејзина страна. Ако не го сториме тоа сега и веднаш, ризикуваме наместо иднина, на својата земја да и обезбедиме сигурна небиднина. Во името на нашите претци и во името на нашите идни поколенија наша должност е да не дозволиме тоа да се случи, вели Академикот за Прес24.

Платформата со која албанските партии го условуваат формирањето на индата Влада, спроед Академик Поп-Атанасов е платформа на Тирана и „самото прифаќање да се разговара за неа во раководните органи на македонските политички партии (мислам на сите политички партии регистрирани во Република Македонија) е чин на велепредавство.“

-Во уставот на Република Македонија експлицитно е наведено дека “на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилично писмо” и дека во некои единици на локалната самоуправа може да се употребува и втор службен јазик под услови и начин утврдени со закон. Ваквото решение обезбедува соодветна заштита на македонскиот јазик и истовремено ги задоволува и потребите на другите етнички заедници. Секое друго решение што ќе овозможи промена на статусот на македонскиот јазик и промена на државните симболи ќе биде кобно за опстанокот на македонската држава и македонскиот национален идентитет, вели Академик Поп-Атанасов во интервјуто.

Тој смета дека за да се обезбеди опстанокот и иднина на Македонија, треба да се дефинираат црвени линии:

1. Не смее да се прифати менување на името на Република Македонија, бидејќи во името на секоја држава е кодиран идентитетот на народот што живее во неа. Со менувањето на името на државата, се менува и идентитетот на народот.

2. Не смее да се менува унитарниот карактер на државата, бидејќи тој е гарант за зачувување на целовитоста на Република Македонија како држава.

3. Не смее да се наруши статусот на македонскиот јазик како единствен официјален државен јазик во Република Македонија. Неговата употреба треба да биде задолжителна во државните институции и во јавните настапи на државните функционери, независно од нивната етничка припадност, вели Академик Ѓорѓи Поп-Атанасов во интервју за Прес24.

 

ПРЕС24: Македонија веќе извесен период, можеби повеќе од две години се наоѓа во перманентна политичка криза. Таа почна по изборите во 2014 година, со непризнавање на резултатите од СДСМ, продолжи со процесот на бомби од страна на опозицијата, а сега е една нова фаза во која постизборно, наместо решение има нова криза со тоа што нема се уште избрано нова влада. Како вие ја оценувате актуелната политичка ситуација?

ПОП-АТАНАСОВ:  Актуелната политичка ситуација во земјава е исклучително неповолна за Македонија. Отежнувачка околност е и тоа што голем дел од етничките Македонци, заслепени од своите лични и партиски интереси, од омразата кон делот од македонскиот народ што припаѓа кон друга политичка партија или друга политичка опција, не е во состојба да ги види опасностите, коишто можат да го загрозат опстанокот на македонската држава  и македонскиот национален идентитет. Ваквата политичка ситуација е исклучително неповолна за Република Македонија (нашата единствена држава), но истовремено е исклучително поволна за непријателите на Македонија, за оние коишто посакуваат да не нема како народ и држава.

ПРЕС24: Формирањето на новата влада е условено пред се од платформата што албанските партии ја поставија, а која во основата има редефинирање на државата. Од воведување на двојазичност на целата територија, па се до промена на националните симболи, химна, знаме, грб... Дали овие позиции на албанските партии се еден вид уценувачки точки?

ПОП-АТАНАСОВ:  Како прво во Македонија нема и не може да има албански партии. Албански партии има во Албанија. Таму има албански села, албански пратеници итн. Во Македонија има македонски партии на етнички Албанци (ако со закон е дозволено формирање на политички партии на етничка основа), македонски села населени со етнички Албанци и сл. Зарем може во македонскиот парламент да има албански пратеници?! Па тоа е апсурд. Албански пратеници има единствено во албанскиот парламент во Тирана. Сите пратеници во македонскиот парламент се македонски пратеници, независно од нивната етничка припадност.

Што се однесува за платформата на таканаречените албански партии, мислам дека не станува збор за платформа на партиите на македонските Албанци, туку за политичка платформа на владата во Тирана, поради што и самото прифаќање да се разговара за неа во раководните органи на македонските политички партии (мислам на сите политички партии регистрирани во Република Македонија) е чин на велепредавство. Таа треба категорично и безусловно да се отфрли како чин на странска агресија врз уставното уредување на Република Македонија и за неа не смее да се разговара.

Во никој случај и под никакви услови не смее да се разговара, исто така, за промена на статусот на македонскиот јазик во единствената матична земја на Македонците – Република Македонија. Во уставот на Република Македонија експлицитно е наведено дека “на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилично писмо” и дека во некои единици на локалната самоуправа може да се употребува и втор службен јазик под услови и начин утврдени со закон. Ваквото решение обезбедува соодветна заштита на македонскиот јазик и истовремено ги задоволува и потребите на другите етнички заедници. Секое друго решение што ќе овозможи промена на статусот на македонскиот јазик и промена на државните симболи ќе биде кобно за опстанокот на македонската држава и македонскиот национален идентитет.

ПРЕС24: Според актуелниот распоред на силите во Парламентот двете партии од македонскиот политички блок имаат 100 пратенички места. Во ситуација кога партиите од албанскиот политички блок испорачуваат платформа, која пред се е поврзана со нивни национални црвени линии, што тогаш ги спречува македонските партии да воспостават соработка врз база на националните интереси на државата?

ПОП-АТАНАСОВ: Двете најголеми македонски политички партии се наоѓаат во состојба на тешка политичка конфронтација, којашто трае предолго и којашто негативно влијае врз стабилноста на Македонија и нејзиниот меѓународен углед. Секојдневните меѓусебни обвинувања ја продлабочуваат кризата и се создаваат услови во кои нејзиното разрешување ќе биде крајно неповолно за Република Македонија. Зарем има некој во оваа земја на кој се уште не му е јасно дека во случајот со албанското малцинство не станува збор за барање граѓански права. Македонските Албанци уживаат такви граѓански и национални права какви што нема ниедно малцинство во Европа. Ако сакаат, да им ги понудиме тогаш правата што ги ужива Македонското малцинство во соседните земји. Целта е сосема друга и планот за нејзино остварување е скроен надвор од Македонија. И мора да ни биде јасно дека ќе се бараат “права” се додека не се стигне до посакуваната цел.

Во овие тешки времиња за Република Македонија, не е доволно само еден дел од македонскиот народ да застане во одбрана на својата земја; потребно е сите како еден да застанеме на нејзина страна. Ако не го сториме тоа сега и веднаш, ризикуваме наместо иднина, на својата земја да и обезбедиме сигурна небиднина. Во името на нашите претци и во името на нашите идни поколенија наша должност е да не дозволиме тоа да се случи.

ПРЕС24: Кои според вас треба да бидат црвените линии на македонските национални интереси?

ПОП-АТАНАСОВ: Нашите црвени линии треба да бидат гарант за зачувувањето на македонскиот национален идентитет и на Република Македонија како држава, пред се, на македонскиот народ. Затоа што Република Македонија е единствена наша матична земја. Ние друга Татковина немаме.

За да и обезбедиме опстанок и иднина на нашата земја, по мое мислење, нашите црвени линии треба да бидат:

1. Не смее да се прифати менување на името на Република Македонија, бидејќи во името на секоја држава е кодиран идентитетот на народот што живее во неа. Со менувањето на името на државата, се менува и идентитетот на народот.

2. Не смее да се менува унитарниот карактер на државата, бидејќи тој е гарант за зачувување на целовитоста на Република Македонија како држава.

3. Не смее да се наруши статусот на македонскиот јазик како единствен официјален државен јазик во Република Македонија. Неговата употреба треба да биде задолжителна во државните институции и во јавните настапи на државните функционери, независно од нивната етничка припадност.

 ПРЕС24: Изминатиов период, Академијата честопати беше критикувана за пасивност во вакви политички ситуации. Зошто молчи врвот на македонската интелектуална средина?

ПОП-АТАНАСОВ: По принцип академиите на науки не треба да се занимаваат со политика туку со научно-истражувачка дејност. Во нашата јавност постои мислење дека МАНУ располога со некое волшебно стапче, со коешто може лесно да ги решава политичките проблеми во државата што сосем не е така. Меѓутоа, во ситуација како сегашната, кога сме нападнати од сите страни – и однадвор и одвнатре, и кога е загрозен опстанокот на македонската држава и на македонскиот национален идентитет, кога се подготвува елиминација на македонскиот јазик, којшто е основен белег на нашиот идентитет и самобитност, институции како МАНУ, Институтот за македонски јазик, Филолошкиот факултет и др. не смеат да се однесуваат индиферентно. Тие треба решително да застанат во одбрана на виталните национални интереси и да настојуваат со својот авторитет да влијаат врз јавното мислење со цел да се оневозможи создавање клима за политички решенија со далекусежни негативни последици за Република Македонија и за македонскиот народ.

ПРЕС24: Има ли страв кај македонските интелектуалци да зборуваат за прашања кои се важни за демократските процеси во државата?

ПОП-АТАНАСОВ: Мислам дека меѓу македонските интелектуалци не постои страв да се зборува на вакви теми. Сведоци сме дека секојдневно во печатените и во електронските медиуми се дебатира околу политичката ситуација во земјава, се искажуваат спротивставени мислења и сл. Проблемот е во тоа што во нашето општество постои несфатлив опортунизам, при што личните интереси се поставуваат над националните и државните интереси и потреби. Ако кон ова го додадеме и тоа што кај еден дел од етничките Македонци во Република Македонија националната свест е на катастрофално ниско ниво, може да ни стане јасно зошто државата ни е во таква состојба, во каква што е.

ПРЕС24: Ако ги погледнеме ставовите на Академиите на соседните држави, тогаш можат да се видат поприлично тврди позиции. Кога во Македонија некој од МАНУ ќе зборува на такви теми, тогаш редовно е предмет на критики. Зошто?

ПОП-АТАНАСОВ: Јас уште на почетокот реков дека МАНУ е научна институција и нејзината дејност е главно насочена кон истражувањата во областа на науката. Неспорно е дека некои од одделенијата на МАНУ даваат свој придонес во политичкиот, економскиот и општествениот развој на нашата земја преку научните проекти што се реализираат во рамките на институцијата и надвор од неа. Што се однесува до евентуалните настапи во јавноста на одделни членови на Академијата, мене лично не ми е познато некој поради својот настап или искажан став да бил критикуван од страна на раководен орган во институцијата. Инаку, од страна на одделни членови може да се искажат и спротиставени мислења што е нормално.

ПРЕС24: Изминативе десетина години, владата на ВМРО ДПМНЕ спроведе неколку проекти кои се поврзани со историјата, културното наследство. Еден од тие проекти беше поставувањето на спомен обележја од разни периоди од историјата на Македонија. Опозицијата тоа го дефинираше како антиквизација. Како вие гледате на тие процеси?

ПОП-АТАНАСОВ: Изминативе години Министерството за култура и воопшто Владата на Република Македонија навистина покажаа големо разбирање за заштитата на нашето културно наследство. Направени се опсежни археолошки истражувања, заштитени се многу наши културно-историски споменици и сл. За поздравување е и тоа што се поставени бројни спомен-обележја поврзани со нашето минато. Мислам дека терминот “антиквизација” е голема бесмислица, бидејќи се што се случило во минатото на територијата на нашата земја е дел од нашата историја.

Треба ли да се откажеме од нашата историја и од нашето име, бидејќи денешните Грци мислат дека им припаѓаат ним. Особено ако знаеме дека древните Грци не мислеле така. Само како пример ќе го наведеме големиот атински говорник Демостен кој во неговите говори против Филип II Македонски, познати под името ”Филипики”, вели дека Филип не само што не е Елин (Грк), туку е најобичен варварин – Македонец. Мислам дека оние Македонци кои сакаат да се откажеме од нашата историја не се во право и работат во прилог на тезата дека ние во Македонија сме дошле вчера и утре треба да си одиме.

ПРЕС24: Вие постојано сте во процеси на проучување на средновековните ракописи. Има ли некои новитети, нешто што може да биде интересно за јавноста, а кое дава некој друг поглед на она што е сега дел од историјата?

ПОП-АТАНАСОВ: Мојата научна преокупација е македонското ракописно книжевно наследство. Ги проучувам нашите стари ракописни книги што настанале во периодот од X па се до преродбенскиот XIX век. Повеќето од овие наши книжевни споменици се однесени надвор од Македонија и сега се наоѓаат во разни странски библиотеки, архиви и музеи. По моја проценка сега во странство има околу 1500 македонски ракописни книги, од коишто скоро половината се пишувани врз пергамент.

Познато е дека по смртта на св. Методиј во 885 год., словенската писменост и словенското богослужение во Велика Моравија се забранети со папски декрет, а учениците и словенските просветители се протерани од оваа западнословенска земја. Делото на словенските просветители во Велика Моравија е целосно уништено. Меѓутоа, со доаѓањето во Македонија и формирањето на Охридската книжевна школа светите Климент и Наум ја одигруваат улогата на спасители на делото на солунските браќа – на словенската писменост и словенското богослужение, коишто подоцна се шират во другите словенски земји.

 

Познато е исто така дека во минатото во Македонија е создадено огромно ракописно книжевно наследство. Најстарите и најзначајните зачувани старословенски ракописи, пишувани со глаголица и кирилица, се со македонско потекло. За жал ние сме единствената земја на Балканот, која нема Оддел за ракописни книги (Археографско одделение) при својата Национална библиотека. Крајно време е во оваа наша библиотечна институција да се формира таков оддел, во кој ќе се формираат потребните стручни кадри и ќе се започне со дигитална реституција на целокупното македонско книжевно наследство што се наоѓа во странство. На тој начин ќе се заштити нашето книжевно наследство што се наоѓа надвор од Македонија и ќе се овозможи негово проучување од страна на нашите историчари на јазикот и книжевноста.

 

 

 

25.02.2017 - 11:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега