ВМРО-ДПМНЕ:Груби лаги се информациите дека е дадена концесија за експлоатација на Кожуф

 

ВМРО-ДПМНЕ како груби лаги и манипулации ги оквалификува информациите дека Владата издала концесија за експлоатација на Кожув и оти таму се планира отворање рудник за злато.

- Владата на Република Македонија нема издадено никаква концесија за експлоатација на Кожув. Не постои, ниту се планира рудник за злато на оваа локација. Единствено е издадена концесија за детални геолошки истражувања за алувијално површинско злато, која сама по себе не предвидува ни приближно ископи од ваков или сличен карактер, како што грубо се лаже во ова пропагандно видео во кое се употребени снимки од Бразил, Папуа Нова Гвинеја и Казакстан, истакна на денешната прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека геолошките испитувања за кои има дозвола концесионерот на Кожув се научен труд, се изведуваат површински, не предвидуваат никаква сеча на дрва или употреба на било какви хемиски методи, како и дека не се создава прашина, ниту пак има јаловина.

- Во ваквите површински истражувања не се употребува никаков експлозив, како што е претставено во овој видео клип кој што можете да го видите. На Кожув нема ниту едно исечено дрво. Граѓаните на Гевгелија треба да бидат спокојни и да не дозволуваат да бидат манипулирани со вакви лажни вести, какви што сме навикнати да гледаме од опозицијата и нивните медиумски експоненти, истакна Делев.

Овие манипулации и лаги, потенцира тој, ги шири интернет пропагандата на СДСМ и Сорос.

- Овој видео запис кој го гледате позади мене, а го шират на големо порталите на СДСМ и Сорос, ниту е од Македонија, ниту во него има барем еден точен факт. На ова видео со груба манипулација се изнесени многу лаги кои имаат за цел да ги плашат граѓаните на Гевгелија во функција на предизборната кампања на СДСМ за локалните избори, истакна на прес-коференцијата Делев.

На ваков начин, според него, се врши организиран атак врз најголемите успеси на Владата на ВМРО-ДПМНЕ - странските инвестиции, минералните суровини и комплетните реформи во државата. 

 

 

 

18.02.2017 - 15:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега