Министерот Ристовски ја промовираше Програмата за самовработување
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски и помошникот на постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Весна Џутеска Бишева денеска ја промовираа интернет страницата за Програмата за самовработување - www.samovrabotuvanje.mk.
Според оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2013 година, потенцираше министерот Ристовски, ќе бидат опфатени речиси 10 илјади невработени, за што Владата за поддршка има издвоено над половина милион денари.
- После 7 години имплементација на оваа програма имаме над 4.900 новоформирани мали бизниси, 72 проценти ликвидни фирми. Интересот за програмата е се поголем така што во првиот циклус годинава се пријавија околу 2.000 кандидати и во тек се деловните обуки за околу 700 селектирани кандидати, рече на денешната прес - конференција Ристовски. Тој потсети дека досега со оперативните планови за активни програми и мерки за самовработување се опфатени околу 60 илјади лица.
Најголем интерес, информираше директорот на Агенцијата за вработување Поповски, во првите години било во полето на земјоделството, подоцна услуги, трговија, додека минатата година интересот бил најголем за производство.
Помошникот на постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Џутеска Бишева информираше дека од вкупниот број лица кои основале мали бизниси, секој четврт бизнис обезбедил вработување и за трети лица. Во Програмата за самовработување околу 25 проценти од малите бизниси се формирани од млади лица до 27 години, од кои околу 55 проценти од лица со стекнато средно, а 10 проценти од лица со основно образование. Во овие години од реализацијата на Програмата, 37 проценти од бизнисите се формирани од жени.
ФОТО: МИА