Никој во коалицијата на СДСМ не знае што Заев им ветува на Албанците

Коалиционите партнери на Заев немаат информации што има во документот кој вчера лидерот на СДСМ го испорача во Мала Речица. Како што велат за Сител, никој од нив не бил консултиран при неговото изготвување, иако дел велат дека му дале на Заев овластувања да ги води преговорите за формирање на новата Влада.

Тито Петковски кој денеска не беше расположен да зборува пред камера вели дека ставот на неговата партија во врска со платформата на Албанците е идентичен како и оној на СДСМ, без разлика што од Бихаќка, се уште ги немаат објавено своите позиции.

Нема што да ви кажам, беше одговорот на лидерот на ЛДП, Горан Милевски на нашето барање да добиеме изјава во камера за позициите на неговата партија во врска со платформата на Албанците. И тој како и Петковски нема информација што му доставил Заев на Ахмети. Во телефонски разговор вели дека не може да ја коментира платформата на Албанците бидејќи се уште, официјално не му била доставена.

За разлика од НСДП и ЛДП, партијата ДОМ е единствена од коалиционите партнери на Заев која нема проблем јавно да каже дека не се согласува со платформата на Албанците. Претседателката Поповска исто така потврдува дека не била консултирана од Заев пред документите да му бидат испратени од Ахмети. Вели дека нејзината партија има јасен став дека се што излегува надвор од Уставот и Рамковниот договор не треба да биде прифатено. И Поповска денеска не можеше да се појави пред камерата на Сител поради здравствени причини, посочувајќи да се повикаме на нејзина изјава дадена пред неколку дена за ТВ 21

Што му беше вчера испратено на Ахмети денеска не откриваат ниту во СДСМ. Портпаролот Петре Шилегов во телефонска изјава рече дека за сите детали, СДСМ ќе ги информира граѓаните тогаш кога ќе го добие мандатот од Претседателот Иванов.

Што има во понудата не знаат ниту поголем дел од високите функционери на СДСМ иако никој од нив не сака да коментира за тоа каква атмосфера владее на Бихаќка. Сепак, поранешната пратеничка Софија Куновска преку Социјалните мрежи му замерува на Заев за ниското ниво на Демократија во партијата.

„Согласно високите стандарди за демократија, колкумина знаат што има во пакетчето до Мала Речица“ – јавно прашува Куновска алудирајќи дека некои луѓе на Бихаќка се однесуваат како партијата да им е приватна сопственост.

Платформата на албанските политички партии покрај воведување на двојазичност на цела територија инсистира и на промена на државните симболи и ослободување од затвор на етнички Албанци осудени за најтешки кривични дела.

Лидерот на ДУИ денеска по средбата со турската амбасадорка рече дека неговата партија нема да брза во носењето одлуки. Од Мала Речица во повеќе наврати потенцираа дека без прифаќање на сите барања, кои предвидуваат и промена на Уставот нема да има договор за нова Влада.
Но за промена на највисокиот правен акт, потребна е согласноста и на ВМРО-ДПМНЕ. Од таму јасен став. Промена на Уставот нема да дозволиме. 

 

 

 

14.02.2017 - 18:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега