Коце Трајановски: Јас прв им ги отворив очите на граѓаните за тоа каков воздух дишат

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, во интервју за Прес24, тврди дека не бега од одговорноста и е решен да се соочи со предизвиците со загадениот воздух во Скопје. Напротив, вели Трајановски „Јас прв јавно проговорив за загадувањето на воздухот во Скопје„.

-Никој не може да порекне дека јас сум првиот градоначалник на Градот Скопје што постави автоматски мерен инструмент, којшто на улицата Македонија вршеше мерење на загадувачките материи во воздухот, и тоа јаглеродмоноксид, сулфурдиоксид, азотни оксиди и партикуларни честички помали од 10 микрометри, во време кога ниту еден друг мерен инструмент не постоеше. Јас прв им ги отворив очите на граѓаните за тоа каков воздух дишат. Уште тогаш, пред граѓаните јасно ставив до знаење дека Градот Скопје и јас како градоначалник нема да бегаме од одговорноста и ќе се соочиме со сите предизвици, вели Трајановски во интервјуто за Прес24.

Трајановски одговара и на критиките од опозицијата.

злегува дека јас сум виновен што го отворив прашањето за загадувањето, што јавно повикав дека треба здружено да преземеме акција и што континуирано и со конкретни активности работам состојбата да се подобри. Тие што најмногу ме критикуваат работите со години ги пикаа под тепих и не зборуваа за загадувањето. Така им беше полесно.Но, сакам да им порачам – нема место за терање политика кога станува збор за загадувањето на воздухот. Потребни се конкретни мерки. Политичките препукувања се една работа, посветеноста да се изнајдат решенија е друга. Граѓаните го гледаат тоа и знаат кој транспарентно работи и кој колку сработил, вели градоначалникот на Скопје во интервјуто.

Тој потеницра дека за време на неговите два мандати како прв човек на Градот, интенизвнои работел на подобрување на состојбата со воздухот и како што вели, најголем дел од реализираните проекти биле во таа насока.

-Дали ќе се сетите дека пред 2009 година на градските улици сообраќаа стари и дотраени автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие со мотори под секаков стандард; дека во 2009 година ЈП „Комунална хигиена“ располагаше со само 6 стари и нефункционални возила за собирање смет со кои го опслужуваше целиот град; дека во Скопје немаше мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот; дека тешките товарни возила без ограничување се движеа низ центарот на градот; дека во Скопје работеа многубројни фабрики чии оџаци чадеа без филтри; дека градските улици беа тесни и нефункционални, а редици возила стоеја и чадеа заглавени во метежот.Јас два мандати како градоначалник на Градот Скопје работам на подобрување на оваа состојба. Спроведовме многу проекти и активности кои директно го штитат Скопје и скопјани од загадување и придонесуваат да се подобри квалитетот на воздухот, вели Коце Трајановски, градоначалник на Скопје, во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: На 6 февруари годинава воведовте мерки за намалување на загаденоста на воздухот. Една од нив беше и бесплатниот јавен превоз за скопјани. Како ги оценувате реакциите и дали мерката ги постигна саканите ефекти?

ТРАЈАНОВСКИ: Во согласност со Законот за квалитет на амбиентниот воздух, а во насока на намалување на загадувањето на воздухот со кое бевме особено соочени во текот на изминативе неколку дена, како и во согласност со ингеренциите што ги имам како градоначалник на Градот Скопје, на 6 февруари донесов неколку мерки и препораки кои стапија во сила веднаш:

Воведовме бесплатен јавен превоз за сите граѓани во Скопје, и во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници.

Градот Скопје ја интензивира контролата на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

Го задолжив ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје.

Во согласност со сегашните прописи во градот не може да се воведе пар-непар, но затоа апелирав до надлежните министерства - за животна средина и просторно планирање, за внатрешни работи и за здравство да предложат измени во законот за да може да се спроведува оваа мерка.

Апелирав до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.

Службените возила на Градот Скопје да се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат.

Градот Скопје и јавните градски претпријатија ги ослободија од работа лицата над 60-годишна возраст со хронични заболувања, како и бремените жени.

Го повикав Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.

Инспекцијата на Град Скопје да продолжи со засилени вонредни ноќни дежурства и контроли на инсталациите што се во наша надлежност.

Побарав од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.

Два дена подоцна, во согласност со податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање, коешто е надлежно за следење на квалитетот на воздухот, среднодневните концентрации на ПМ10 беа под дефинираниот праг и епизодата од десет последователни дена беше прекината. Поради тоа, на 9 февруари беше укината воведената мерка за бесплатен превоз за сите граѓани и ослободувањето од работа за вработените во Град Скопје и во јавните градски претпријатија над 60-годишна возраст со хронични заболувања, како и бремените жени.

Притоа, Градот Скопје продолжи со:

1. Интензивна контрола на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.

2. Интензивно миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје.

3. Интензивниот инспекциски надзор над инсталациите што се во негова надлежност.

ПРЕС24: Најавите се дека овие мерки треба да се спроведуваат за време на периодот на загаденост. Сепак на долг рок, кои мерки можат да се преземат?

ТРАЈАНОВСКИ: Според Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопскиот регион што го изработија Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, во Скопје и скопскиот регион најголемото загадување со ПМ10 честички во воздухот потекнува од загревањето на домаќинствата, и тоа со 32%.

Потоа следуваат, сообраќајот со 20%, прашината создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности - 19%, индустријата – 18%, сулфатните соли – 7%, нитратните соли – 2%, и прекуграничниот пренос на загадувачки супстанции – 2%.

Според тоа, долгорочно решение за загадувањето на воздухот во Скопје би била комплетна гасификација на домаќинствата. Дотогаш, сметам дека итно треба да се почне со проширување на топлификациската мрежа во градот, која би ја граделе Владата на Република Македонија и Градот Скопје. На таков начин ќе се намали и цената на топлинската енергија, за што поголем број домаќинства да се приклучат на мрежата, наместо да се исклучуваат, како досега.

Топлификациската мрежа треба особено да се прошири кон населбите во кои домовите традиционално се греат на дрва.

Градот Скопје и во текот на оваа година ќе го продолжи субвенционирањето на граѓаните за набавка на печки на пелети.

ПРЕС24: Опозицијата постојано обвинува дека за загаденоста виновни биле градските власти. Реално колку таквите обвинувања држат, а колку се политички маркетинг?

ТРАЈАНОВСКИ: Јас прв јавно проговорив за загадувањето на воздухот во Скопје. Никој не може да порекне дека јас сум првиот градоначалник на Градот Скопје што постави автоматски мерен инструмент, којшто на улицата Македонија вршеше мерење на загадувачките материи во воздухот, и тоа јаглеродмоноксид, сулфурдиоксид, азотни оксиди и партикуларни честички помали од 10 микрометри, во време кога ниту еден друг мерен инструмент не постоеше. Јас прв им ги отворив очите на граѓаните за тоа каков воздух дишат.

Уште тогаш, пред граѓаните јасно ставив до знаење дека Градот Скопје и јас како градоначалник нема да бегаме од одговорноста и ќе се соочиме со сите предизвици.

Дали ќе се сетите дека пред 2009 година на градските улици сообраќаа стари и дотраени автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие со мотори под секаков стандард; дека во 2009 година ЈП „Комунална хигиена“ располагаше со само 6 стари и нефункционални возила за собирање смет со кои го опслужуваше целиот град; дека во Скопје немаше мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот; дека тешките товарни возила без ограничување се движеа низ центарот на градот; дека во Скопје работеа многубројни фабрики чии оџаци чадеа без филтри; дека градските улици беа тесни и нефункционални, а редици возила стоеја и чадеа заглавени во метежот.

Јас два мандати како градоначалник на Градот Скопје работам на подобрување на оваа состојба. Спроведовме многу проекти и активности кои директно го штитат Скопје и скопјани од загадување и придонесуваат да се подобри квалитетот на воздухот. Ќе споменам неколку од тие активности:

-       Со помош на Владата на Република Македонија набавивме повеќе од 300 нови автобуси за ЈСП со ЕУРО 4 и ЕУРО 5 мотори;

-       Воведовме Автоматизиран систем за управување на сообраќајот (ЦУКС);

-       Проширивме и реконструиравме бројни улици и булевари кои овозможија да се зголеми проточноста на возила и да се намали сообраќајниот метеж;

-       Градиме и реконструираме велосипедски патеки како дел од проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“ и ги поттикнуваме граѓаните што помасовно да го користат велосипедот како превозно средство;

-       Ја доградивме ролерско-велосипедската патека од двете страни на кејот на реката Вардар;

-       Го надградуваме проектот за изнајмување велосипеди од пунктовите на ЈП „Градски паркинг“;

-       Градот Скопје е првата локална самоуправа што набави електричен автомобил, електроскутери и електровелосипеди за потребите на администрацијата, а за граѓаните дополнително набавивме и електромобили, електровелосипеди и електротротинети;

-       За граѓаните поставивме два полначи за електрични возила во катните гаражи „Македонска фаланга“ и „Тодор Александров“;

-       Гасифициравме 4 средни училишта – „Георги Димитров“, „Здравко Цветковски“, „Зеф Љуш Марку“ и „Арсени Јовков“ и директно придонесовме да се намали емисијата на сулфурдиокид, саѓи, азотни оксиди и јаглероддиоксид;

-       Градските улици се прскаат со средството калциум магнезиум ацетат за контрола и намалување на ситната прашина;

-       Воведовме посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, а кои се упатуваат да ја користат обиколницата;

-       Воведовме бесплатен автобуски превоз за повозрасните граѓани, за средношколците и за други граѓани;

-       Изградена е жичница од Средно Водно до врвот на Водно за да се заштити Парк-шумата „Водно“ од загадување;

-       Ги уредуваме Паркот на природата „Гази Баба“, Парк-шумата „Водно“, Градскиот парк и Кањонот „Матка“ со нови трим и планинарски патеки, урбана опрема и ново зеленило, за да ги поттикнеме граѓаните да поминуваат што повеќе време на отворено;

-       За ЈП „Комунална хигиена“ набавивме 90-тина нови возила за собирање на комуналниот отпад, дури и во најоддалечените и рурални делови од градот;

-       На јавните зелени површини само во последниве четири години засадивме повеќе од милион листопадни и зимзелени садници, подигаме нови зелени површини и се вклучуваме во акцијата Ден на дрвото – засади ја својата иднина;

-       Освен редовните акции за садење дрвја, уредивме нови парковски површини во Скопје – Паркот во населбата Аеродром, крај булеварот Февруарски поход на површина од 100.000 квадратни метри и Паркот „Македонија“ - 1, 2 и 3 дел. Се уредува и обновува зеленилото и по должината на булеварите, како и дрворедите во средишните жардиниери;

-       За потребите на ЈП „Паркови и зеленило“ набавивме повеќе од 40 машини за одржување на зеленилото, како и машина за пресадување дрвја и машина со кранска рака.

-       Во тек е изработката на Зелениот катастар за Скопје, документ кој што претходно не постоеше, а кој треба да даде комплетна слика за целокупното зеленило во Скопје, површините под зеленило, бројот на засадени садници, како и нивниот вид, старост и состојба. 

-       Изработивме Инвентар на стакленички гасови за просторот на Скопскиот плански регион, а во завршна фаза е изработката на Стратегијата за климатски промени;

-       Редовно тече постапката за издавање Б – интегрирани еколошки дозволи и Елаборати за заштита на животната средина, а се вршат и редовни контроли на инсталациите од страна на градските инспекциски органи;

-       На граѓаните доделивме 196 субвенции за купување печки на пелети, а со оваа активност ќе продолжиме и во наредната година;

-       Оваа година ќе работиме на набавка на нови 50 електрични автобуси за ЈСП Скопје.

Сите овие проекти придонесуваат за поздрава и почиста животна средина. Овие проекти зборуваат за континуирана грижа на Градот Скопје за животната средина и ќе дадат резултати на долгорочен план.

Но, излегува дека јас сум виновен што го отворив прашањето за загадувањето, што јавно повикав дека треба здружено да преземеме акција и што континуирано и со конкретни активности работам состојбата да се подобри. Тие што најмногу ме критикуваат работите со години ги пикаа под тепих и не зборуваа за загадувањето. Така им беше полесно.

Но, сакам да им порачам – нема место за терање политика кога станува збор за загадувањето на воздухот. Потребни се конкретни мерки. Политичките препукувања се една работа, посветеноста да се изнајдат решенија е друга. Граѓаните го гледаат тоа и знаат кој транспарентно работи и кој колку сработил.

ПРЕС24: На крајот сте од вашиот втор мандат. Од денешна дистанца, колку сте задоволни од сработеното?

ТРАЈАНОВСКИ: Да ги прошириме тесните и нефункционални клучни улици и булевари, да го подобриме водоснабдувањето и одведувањето на фекалните и атмосферските води, да ги подобриме условите во кои учат нашите деца, да уредиме нови паркови и да засадиме нови дрвја, да ги уредиме јавните површини и да ја подобриме јавната хигиена, да понудиме квалитетни спортски и културни манифестации - ова беа целите што мене и мојот тим не водеа напред во последниве четири години, во мојот втор мандат како градоначалник на Град Скопје.

Предизвиците што беа исправени пред нас не беа едноставни, но се водевме од идејата дека со нашите проекти граѓаните ќе имаат поквалитетен живот, а Скопје ќе стане пофункционален, подостапен и поубав град.

Тоа и се случи. Промените во градот се очигледни, на задоволство на сите.

Она што за мене е особено важно што моите сограѓани покажуваат голем интерес за работата и активностите на Град Скопје и со предлози и сугестии директно придонесуваат за изведување подобри проекти за доброто на сите. Затоа и циклусот посети на сите скопски општини во кои граѓаните имаа можност да се сретнат со претставници од градската администрација и од јавните градски претпријатие беа толку успешни - од нив произлегоа многу квалитетни предлози и се најде решение за многу градски проблеми.

Признание за нашата добра работа во изминативе четири години не доаѓаше само од моите сограѓани, туку и од реномирани институции кои на Градот Скопје му доделија неколку признанија, меѓу кои признанието „Градски трофеј“ за проактивните политики за одржлив транспорт, мобилност и ефикасен јавен превоз; сертификатот за поволно деловно опкружување со што Градот Скопје се рангира меѓу најдобрите инвестициски дестинации во Југоисточна Европа, како и признанието од Друштвото за патишта на Република Македонија за „Исклучителен развој на градските сообраќајници“.

Свесни сме дека во Скопје има уште многу да се работи и ние нема да застанеме тука. Тоа им го должиме на скопјани.

ПРЕС24: Може ли да издвоите на кој реализиран проект сте горди?

ТРАЈАНОВСКИ:Во текот на последниве четири години Градот Скопје реализираше многубројни проекти во сите области од урбаното живеење. Поради тоа, не ми е лесно да одвојам еден или два проекти, зашто на сите работевме со големо внимание и посветеност.

Но, би сакал да се осврнам на следните неколку проекти:

За да се зголеми безбедноста во сообраќајот и за да се решат долгогодишните сообраќајни проблеми, во изминативе четири години изградивме три големи кружни тека, во Автокоманда, кај Порта Влае и на улицата Лазо Трповски.

Проширивме и пробивме голем број улици и булевари, а ќе го споменам проширувањето на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов во Карпош, проширувањето на булеварот Партизански одреди до црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров и проширувањето на првиот дел од булеварот Трета македонска бригада, во Аеродром.

Екипите на Град Скопје го обновија и коловозот на поголем број сообраќајници, меѓу кои на булеварот Јане Сандански, на улицата Кемал Сејфула, на улицата Народни херои и на улицата Ѓорче Петров.

Во јавниот превоз воведовме нов систем за електронска наплата на билетите и автоматска локација на возилата што придонесе за помодерен, поквалитетен и навремен јавен превоз за граѓаните.

Градот Скопје стана лидер на полето на електромобилноста - набавивме еден електроавтомобил, 5 електроскутери и 5 електровелосипеди за потребите на администрацијата, а на располагање на граѓаните ставивме и електрични возила и електромопеди за туристичко разгледување на знаменитостите во центарот.

Двете катни гаражи што ги изградивме во изминатите 4 години, катната гаража „Македонска фаланга“ и гаражата „Тодор Александров“ обезбедија над 1.000 нови паркинг-места, го сменија концептот на паркирање во Скопје и решија долгогодишни проблеми на граѓаните.

Во делот посветен на животната средина и одржувањето на зеленилото, Градот Скопје прв во регионот набави машина за пресадување дрвја, како и машина со кранска рака, со што дрвјата ќе се заштитат и ќе може лесно да се пресадуваат на друга локација, наместо да се сечат.

На јавните зелени површини, во дрворедите по должината на булеварите и во парковите засадивме повеќе од 1 милион листопадни и зимзелени дрвја.

Интензивно работевме и на полето на заштитата на воздухот од загадување, а на граѓаните доделивме и 196 субвенции за набавка на печки на пелети.

Во реконструкцијата на средните училишта вложивме над 134 милиони денари, а во текот на градежните работи ги отстранивме и сите штетни азбестни покриви. Во 4 средни училишта инсталиравме и систем за греење на гас.

Во средните училишта „Михајло Пупин“ и „Здравко Цветковски“ за лицата со посебни потреби поставивме справи и реквизити на кои може да вежбаат и да се рекреираат. Во МКЦ и во СУГС „Арсени Јовков“, пак, за лицата со посебни потреби поставивме лифтовски платформи.

Градот Скопје вложуваше и во организацијата на големи спортски и културни манифестации кои ја збогатија културно-забавната и туристичката понуда во градот.

 

Овие проекти се само дел од активностите што ги реализира Градот Скопје во изминативе четири години. Со исто темпо Градот Скопје продолжува и во оваа, 2017 година. Пред граѓаните ќе понудиме квалитетни капитални проекти кои ќе придонесат за помодерно и пофункционално Скопје.

 

 

 

11.02.2017 - 11:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега