Самарас не завршил со САД - во септември се враќа да зборува за спорот со името

Премиерот на Грција, Андонис Самарас во септември повторно ќе отпатува во САД, но овој пат со него ќе замине и заменик-премиерот и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос.

Самарас во Њујорк ќе учествува на генералното собрание на ОН, а на маргините на состанокот ќе се сретне со повеќе светски лидери што се смета за добра можност да направи многу контакти за кусо време.

Самарас исто така ќе отпатува и во Вашингтон, каде ќе има можност да се сретне со членови на Сенатот и Конгресот, со кои на последната посета не разговараше поради годишните одмори.

Грчки дипломатски извори откриваат дека на средбите ќе се покренат и чувствителните национални прашања како што се Кипар и името на Македонија со цел официјална Атина да ја добие „понекогаш неопходната поддршка од законодавците кои имаат влијание во Белата куќа и Стејт департментот, со оглед на тоа што претседавач на Комисијата за надворешни работи на Сенатот е Роберт Менендез“.

Менендез инаку е најгласен поддржувач на политиката на Грција кон Македонија во американскиот Сенат.

Извори од ПАСОК, пак, откриваат дека Венизелос е задоволен од резултатите од средбата Обама-Самарас и смета дека средбите во Вашингтон „им дале поттик на грчко-американските односи“. Истите извори тврдат дека Венизелос „најверојатно ќе се сретне со Џон Кери на маргините на Генералното собрание на ОН кое ќе се одржи последната седмица од септември“.