Втора шанса за матурантите кои киксираа на Државната матура

Матурантите кои во јуни не ја положија државната матура или еден од двата предмета, ќе полагаат утре и/или во четврток од 10 часот, мајчин јазик односно изборен предмет.

Директорот на Државниот испитен центар Јусуф Арифи изјави дека бројот на кандидати за августовскиот рок е речиси ист како и минатиот август (16 повеќе од лани), а резултатите од тестирањата ќе бидат објавени до  крајот на месецов, за да може да се пријават на факултет во вториот уписен рок, на 3-ти и 4 септември.

За утрешниот тест по мајчин јазик и литература пријавени се 518 кандидати, од кои 237 за македонски јазик, 264 за албански и 17 кандидати за турски јазик. Изборен предмет, на 15 август, ќе полагаат 1.741 кандидат, од кои најголем број (1.584) се пријавени за тестот по англиски јазик, 31 за француски, еден за руски, 14 за германски јазик, 107 за математика основно ниво и четворица за испитот по естетика.

Просечната оценка во јунскиот испитен рок беше 3.18, а најдобри резултати имаше битолската гимназија „Јосип Броз-Тито“.

Годинашната е шеста генерација која полага државна матура од нејзиното воведување. Таа е услов матурантот да продолжи со високо образование. Матурантите кои во јуни ги положија двата дела од завршниот испит, на крајот на неделава (15-ти и 16 август) ќе се пријавуваат за упис на факултет. 

најчитано сега