Невработеноста во Неготино најниска во последните 20 години

Невработеноста во општина Неготино е на најниско ниво во последните 20 години. Во 2006 година во Центарот за вработување имало 4.875 невработени, а во август 2016 се евидентирани 1.085 лица, од кои поголем дел се пасивни баратели на работа. За ова денеска информираше неготинскиот градоначалник Ванчо Апостолов, кој даде отчет за својата работа. 

Тој соопшти дека во моментов Неготино има три индустриски зони. Се почнало со индустриската зона “Неготино” лоцирана на одлична местоположба  покрај автопатот и железничката пруга,  на површина од 25 хектари. Продадени се сите 17 парцели и прашање на време е, рече, кога инвеститорот ќе почне со изградба на капацитетите со лесна и незагадувачка индустрија. Имајќи го предвид огромниот интерес за парцелите, ја оформиле и индустриската зона “Неготино 2” на површина од 35 хектари. Најави дека брзо ќе биде комплетирана документацијата и за зоната Дуброво-Тремник на површина од 85 хектари, по што ќе се објави и продажбата на парцелите.

- Очекуваме на овој простор да се изградат нови капацитети во кои ќе има работа и за граѓаните од нашата, но и од неколку соседни општини, рече Апостолов. 

Тој информираше дека реализирани се неколку проекти за долгорочно решавање на деценискиот проблем со водоснабдувањето на територијата на општина Неготино кои веќе даваат резултати, а со  нивната комплетна реализација се очекува редукциите на вода да бидат минато.

- Во моментов го завршуваме и проектот за реконструкција на старата, со поставување на нова водоводна мрежа, на десет улици во градот во должина од осум километри. Во 2017 година продолжуваме со реконструкција на водоводот на уште пет улици во градот, информираше Апостолов.

Кога станува збор за патната инфраструктура, градоначалникот соопшти дека во изминатиот период изградени се и ставени во функција неколку регионални патни правци, а асфалтирани се и улици во Неготино и населените места.

- Имајќи предвид дека ние сме претежно земјоделски крај со доминација на лозовите насади, го ставивме во функција патот Курија-Паликура, со што одењето до Росоман се скрати за 12 километри. Ветеното го остваривме и со реконструкцијата и асфалтирањето на патот Неготино-Криволак во должина од три километри, а во најлозарскиот регион со најквалитетно грозје и вино Дисанијата, го ставивме во функија новиот пат од Тимјаник до Долни Дисан. Во неколку фази се реализира и асфалтирањето на патот од Горни Дисан до Вешје, рече Апостолов, осврнувајќи се и на асфалтираните централни подрачја во неколку села, со поставување на урбана опрема и облагородување на просторот.

Поставена е водоводна, атмосферска и фекална мрежа во повеќе урбани зони во Неготино, каде се лоцирани поголем број стопански капацитети, а асфалтиран е исто така и целиот простор.

Апостолов нагласи дека гасификацијата со крајот на 2017 година треба да стаса и до Неготино. Се осврна и на проектите за реализација во текот на оваа година.

 
 
03.02.2017 - 11:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега